Велешки тутунопроизводители наплатија пари за ланскиот тутун
Конечно за ланскиот тутун легнаа парите на сметките на тутунопроизводителите, кооперанти на велешката компанија „Центро табак“. Сумата од 15 милиони денари на 200 тутунопроизводители им ја исплати скопската компанија. Тоа се пари за ланските предадени 2.600 бали тутун, од сортата „прилеп“.
Речиси цела година тутунопроизводителите чекаа да им бидат исплатени парите за предадениот тутун, што не можеа да ги добијат поради лошата финансиска состојба на компанијата во Велес. Нив не им помогнаа ни жалбите ниту тужбите. Овие тутунопроизводители останаа и без субвенции бидејќи немале кантарни белешки за предадениот тутун.
Во безизлезната состојба се вклучило и министерството за земјоделство. Прво на „Центро Табак“ му забранило да ги извезе откупените количества на тутун и откако фирмата ги складирала во магацините во Неготино преку повеќе месечни преговори се нашло решение.
Скопски ги превзел обврските на велешки “Центро табак“ по што следела и исплатата на парите. Исто така ја подмирил и обврската за чланарината, во висина од 116.000 денари кон Здружението на тутунопроизводители./Б.Н