Со купување на уметнички дела до помош на лица со попречености

Објавено: 9 октомври, 2013, во 14:16 часот

Шест месеци во двете општини, Велес и Чашка, функционира Сервис за домашна поддршка на лица со попречености. Нив дома ги посетуваат мобилни тимови кои функционираат како патронажна служба. Дефектологот, психологот и физеотерапеутот им помагаат и работат како со лицата на кои им треба помош така и со нивните најблиски. Резултатите се повеќе од очекувани рече Далиборка Златева, претседател на Друштвото на лица со церебрална парализа. Тие се носители на проектот кој за првпат се реализира во Македонија и на Балканот.

– Тоа се лица кои не се опфатени во институционално згрижување, не добиваат друга помош и се препуштени само на грижата од најблиските. Најголем дел од нив се постари од 18 години а воопшто не излегуваат надвор од домот. Направивме пионерски чекор, ние бевме први што влеговме во нивните домови, им помогнавме и тоа мора да продолжи откако првичната помош од Швајцарската Агенција за развој и соработка преку Центарот за институционален развој – ЦИРА заврши поточно шест месечната финансиска помош што ја обезбедивме преку проект, рече Златева

Од здружението ќе се обидат да го продолжат проектот со тоа што организираат аукција на уметнички дела. Акцијата ја прифатија дваесет уметници од Велес кои донираа свои дела. Тие ќе се продаваат во понеделник  во Ликовниот салон, со почеток во 18 часот. Собраните сретства ќе бидат наменети за продолжување на проектот и грижата за овие лица. Тогаш се очекува да се продадат сите подарени слики, копаничарски резби и скулптури за кои авторите одредија почетна цена од 3.000 – 18.000 денари.

– Би сакала да ги поканам сите хумани луѓе и преставници на институции и фирми,почитувачи на  уметноста, да дојдат на оваа аукција и преку купување на уметничките дела да им помогнат на лицата на кои навистина им треба помош, рече Златева.

Аукцијата „Подај рака – уметноста во помош на лица со попречености““ е отворена за сите граѓани. Таа ќе се одржи во понеделник на 14 октомври, во Ликовниот салон во Велес со почеток во 18 часот.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.