Осветена водата во Вардарскиот регион:Најсреќни Ангелко Здравев, Илија Петров и Ангел Петров, тие на Богојавление го фатија крстот
Ангелко Здравев, триесет и три години од Велес, женет и татко на едно малолетно дете го фати крстот што денеска од Мало мовче во осветената вода на реката Вардар го фрли Митрополитот Повардарски, Господин Агатангел .
Здравев е вработен во АД „Жито Вардар“ како возач на комбе и им доставува леб и бели пецива секое утро на велешани. Тој беше пресреќен што успеа годинава да го извади светиот крст од водите на Вардар, каде се изврши голем Богојавленски водосвет. По светиот крст скокнаа седумдесетина момчиња.
-Имав дамнешна желба да скокам по крстот, се одлучив за прв пат лани. А еве веќе втората година и го фатив. Пресреќен сум. Посакувам здравје и среќа, бериќет на сите што ги знам и не ги познавам, рече Здравев. Тој од Повардарската Епархија доби златно крвче и Библија, од градоначалникот Славчо Чадиев доби ДВД а од ЈКП „Дервен“ телевизор.
Светиот крст во следните 40 дена ќе биде на располагање на Здравев. Тој со него ќе ги посети домовите на велешани кои ќе можат да го целиваат и даруваат верскиот симбол.
– Добрини и убавини, среќа, мир и спокојство во Вашите души и срца, и домови. Почитувајте се со соседите, пријателите, роднините и секому подајте рака. Божјите заповеди велат да се почитуваме и сакаме, рече Митрополитот на Повардарската Епархија господин Агатангел.
Семејството Пепелашеви годинава беше кум на манифестацијата за Водици. Следната година за кум се пријави Орце Ристовски, сопственик на градежната фирма „Ива инжинеринг“.
Голем богојавленски водосвет се изврши и на реката Луда Мара во Кавадарци. Таму најбрзо до светиот крст стигна дваесет и двегодишниот Илија Петров од Кавадарци.
Петров Ангел, осумнаесет години од Ваташа е момчето кое прво доплива до светиот крст во водите на браната „Моклиште“ кај Ваташа. И двјцата добија податок ЛЦД тв приемник од градоначалникот и локалната самоуправа./ А.Д