Се следи транспарентноста и отчетноста на локалните власти
Општините Велес, Чашка, Лозово, Градско и Неготино, два дена се под лупата на тројца монитори кои ги следат процесите на отвореност, транспарентност и отчетност кон граѓаните. Проектот „Лотос“ ќе трае една година и ќе треба да заврши со избор на најдобрите општини во Македонија. Генерално проектот има за цел да ја промовира техниката на добро владеење и колку таа е значајна за граѓаните. Мониторите велат дека е едно е да бидеш добар човек а сосема друго, добро да владееш.
– Апсолутното владеење расипува но доброто владеење придонесува. Тоа е суштината на проектот, да видиме колку добро владеат градоначалниците, колку граѓаните навистина се задоволни од тоа добро или лошо владеење и колку се достапни значајните или курцијални информации на општината до обичниот граѓанин во секојдневната комуникација, рече Игор Смилев од ЕГ „Грин Пауер“.
Тој е вклучен во процесот на следење на работата на општините и има задача да ја испита функционалноста на општинските веб портали, да ја спроведе анкетата за меѓу себната комуникација на јавната администрација со граѓаните, поточно ефикасноста, ажурност, брзина на одговарање на прашалникот и се разбира вистинитоста и прецизноста на информациите.
Тимот монитори ќе го следи и начинот на комуникацијата на граѓаните со вработените во локалните администрации, брзината со која обичниот граѓанин ја добива информацијата од јавен карактер, начинот на одговор или респонзивност кон телефонските, електронските или директните барања на граѓаните.
– Се ова ќе влезе во конечниот извештај со цел да биде изготвена листа на општини по функционалност, отвореност, транспарентност и отчетност. Проектот е финансиран од Европската унија и има цел да го подобри владеењето на локалните самоуправи, онаму каде има добро владеење да биде уште подобро а онаму каде што е ужасно лошо или очајно веќе во наредното истражување да биде подобро. И се тоа треба да рефлектира повисок степен на задоволство на граѓаните, рече Смилев.
Проектот „Лотос“ ќе трае една година. Главен носител е Центарот за креирање политики од Скопје а негов партнер за петте општини од централна Македонија е ЕГ „Грин Пауер“. Во него се вклучени уште шест граѓански здруженија и сите тие треба да ја следат работата на вкупно 43 општини во државата. Ним им претстои три месечна теренска а потоа и работа на постојано следење и ажурирање на податоците. Резултатите ќе бидат објавени вгодина во мај. Ваков проект е веќе реализиран во Република Хрватска каде постигна солидни резултати./Б.Н
