И на седумдесетгодишна возраст велешанецот Крсто е дел од тимот хуманитарци во Велес и неуморно волонтира!
Три и пол тони вода, двеста дваесет килограми храна, сто седумдесет килограми хигиенски средства, дваесет килограми бебешка храна и преку сто шеесет литри млеко донираа велешани на хуманитарната акција за помош на поплавените во Србија и Босна. Собраната помош денеска се транспортира до Скопје од каде ќе патува за погодените подрачја.
„Донораните производи ќе се транспортираат во Скопје, во Момин Поток. Таму ќе се сортира и ќе се проверува рокот и трајноста на производите и откако ќе ги поминат сите хигиенско-санитарни анализи ќе се пакуваат во големи пакети и ќе се транспортираат во загрозените подрачја, рече Миле Маџаров, секретар на ОО на Црвен крст.
Една недела макотрпна работа ги чинеше младите на Црвениот крст. Од утро до вечер трпеливо чекаа и ја собираа помошта што ја донираа велешани. Но не се жалат, велат дека акцијата ги прави горди и полезни граѓани на општеството.
„Апелирам до сите млади во градов, кој се уште не се вклучиле во акцијата или немале можност да се вклучат да дојдат тука и да помогнат, бидејќи верувајте, сега во овој момент ние сме херои за луѓето кои изгубија се во катастрофата што ги снајде, рече Христијан Милошевиќ од клубот на млади на Црвен крст.
Неуморно неделава работеше и седумдесет и едногодишниот Крсто Анастасов, кој сочувствувајќи со маката на настраданите во соседството, доброволно се приклучил на хуманитарната акција.
„Сцените што ги гледав таму ме поттикнаа да се вклучам во акцијата и трчав секаде да приберам каква било помош. Сакам да им помогнам на настраданите бидејќи и тие нам ни помогнале некогаш. Исто така имам и фамилија во Добој, едно од најзагрозените места од полавите, рече Анастасов.
Хуманитарната акција продолжува до понеделник. На двата пункта кои ќе бидат отворени од утро до вечер граѓаните ќе можат да ја донираат својата помош./Д.С
