Исправна е само водата од градскиот водовод, во селските чешми има бактерија
Во локалните и селските чешми има ешерихија коли. Бактериолошки и хемиски несправна е водата во дел од селските водоводи, чешми и бунари во градот и околните населени места. Ова го потврдиле последните анализи на Центарот за јавно здравје кои биле направени по наредба на министерството за здравство поради обилните дождови.
Според лекарите, 25 проценти од испитаните селски водоводи, чешми и бунари во велешко се бактериолошки неисправни, а 10,3 отсто пак се хемиски неисправни. Кај некои од нив е утврдено присуство на нитрити па дури и заматување на водата. Освен на селските чешми и б унари, анализи се направени и на природните чешми во градот. Во нив е утврдено присуство на бактеријата ешерихија коли. Од центарот за јавно здравје велат месното население има одбрана на таа бактерија и не може да го загрози здравјето.
„Ние како месно население, имаме создадено одбрана кон таа бактерија и не може да ни наштети, но кога ќе дојде некој од страна, тој човек веќе има проблеми ако пие од овие чешми. Веднаш може да се појави цревно заболување пропратено со повраќање, пролив и висока температура“, рече д-р. Валентина Ристовска Шурбевска, раководител на Центарот за јавно здравје Велес.
Сто проценти исправна е само водата од градскиот водовод, велат од центарот за јавно здравје. Единствено само таа е хлорирана и е исправна за пиење.
„Навистина се изградија многу селски чешми, но не се поставија флоринатори, па затоа не се за пиење“, рече д-р. Ристовска Шурбевска.
Од Центарот за јавно здравје препорачуваат граѓаните да ја пијат само водата од градскиот водовод, а доколку сакаат да ја пијат водата од останатите локални или селски водоводи, претходно да ја превриваат./Д.С
