На плоштад „Сармаале“ граѓани си проверија колку работен стаж имаат
Селадин Јашаров бил работник во МХК „Злетово“ цели 25 години, еден месец и 10 дена. Нему денеска службениците од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување му ги потврдија овие податоци. Тој беше еден од повеќето граѓани кои извршија проверка во рамките на проектот „Ден за вас“ што оваа државна институција го реализира на отворено. Јашаров, од плоштадот „Сармаале“, си замина незадоволен но не од работата на Фондот туку од државата која не сака да му даде право да користи стечаен паричен надомест.
„ Имам педесет и пет години старост и дваесет и пет години стаж, дури и повеќе од тоа, а не можам да искористам право на надомест. Еве овде ми ги пишува работните години, во нив се и 14 месеци што сум бил под бирото за вработување а за нив ми бараат платено пензиско осигурување. Еве го го добив документот и сега ќе одам да се жалам,“ рече Јашаров.
Документ за работниот стаж од службениците на Фондот извади и велешанецот Петре Тодоров. Тој работел во „Жито Вардар“ вкупно 36 години и седум месеци.
„ Имам документ со кој сум прогласен за технолошки вишок и со него ќе ги споредам овие податоци кои ги добив од Фондот. Сакам да видам дали се точни. Инаку веќе подолго време сум дома и не работам,“ рече Тодоров.
„Акцијата на Фондот за пензиско инвалидско осигурување е дел од проектот „Ден за вас“ и има за цел да ги доближи граѓаните до институциите. Денеска им овозможивме само со лична карта односно со матичен број да си ги проверат податоците за работниот стаж или за плата,“ рече раководителката на Фондот во Велес, Славица Кајалџиева..
Денеска дел од нив беа задоволни од податоците што ги добија од Фондот, но дел беа изненадени поради неевидентираниот работен стаж.
„Не ми е точен стажот според овие податоци. Имам повеќе години а овде ми се заведени помалку. Пред три години кога отидовме во стечај беше исто и сега. Ми рекоа да барам податоци во архива“.
„Не ми е прв пат да барам податоци. Требаше да ми биде допишан стаж од година и пол што судски го добив и еве сега гледам дека е точно.“
Досега податоци за својот работен стаж, граѓаните добиваа во подрачната единица на Фондот. Од таму велат дека оние граѓани кои излегле од фирми во стечај немаат целосно изрегулиран стаж, па податоците можат да ги побараат во подрачната единица на државниот архив.
Од втората половина на наредната година Фондот ќе има законска обврска да им овозможи на граѓаните преку електронски пат да имаат увид во податоците за стаж и плата./Д.С
