Виктор Мазнев, велешкиот „спасител“ на улични животни

Објавено на 14 февруари, 2015 во 09:34

Во својот двор има згрижено дваесетина улични кучиња. Ги храни, ги лекува и се грижи за нив. Ако треба ги носи на лекар и во Скопје, само да им помогне. За кучињата скитници и за останатите напуштени животни вели дека се најизмачуваните и најискоритените од човекот. Тој не може да ги гледа како се мачат па од петни жили се труди да им помогне. „Спасителот“ на уличните животни има само 16 години и се вика Виктор Мазнев. Учи во средното ветеринарно училиште во Св. Николе и покрај обрските околу учењето, тој безусловно се грижи за животните.

„Во последните две години им помогнав на многу кучиња скитници, ги лекував и ги згрижував, а на дел од нив им најдов и сместување во семејства. Имам помогнато и на две повредени јагненца и на едно магаре. Го најдовме пред еден маркет, претепано, го товаривме во камион и го однесов дома. Го лекував, го исправив на нозе и почна да трча по мене. Потоа го згрижив на една фарма,“ рече Виктор.

Во својата мисија за спас на животните Виктор не е сам, му помагаат активистите на Здружението „Гласот на животните“. Собираат донации најчесто преку социјалните мрежи, но истовремено, преку едукации, се обидуваат да ја подигнат свеста кај граѓаните за прифаќање и помош на напуштените животни.

„Не велам дека е лесно, но се трудиме заедно со членовите од здружението да им помогнеме на напуштените и болни животни. Пред извесно време некој ми пратил дома инспекција, бидејќи не ми беа чипирани кучињата. Но благодарение на донациите успеав сите да ги чипирам во ветеринарната станица и сега тие се мои. Исто така морам да признаам дека расте бројот на граѓани кои ги прифаќаат животните на кои им треба помош, рече Виктор.

Својата хуманост Виктор не ја насочил само кон животните, несебично им помага и на луѓето на кои им е потребна каква било помош. Својот „џепарлак“ честопати го дели со оние кои ќе ги сретне на улица. Им помогнал со храна и на неколку семејства кои како што вели не се нашле во таква состојба по своја вина.

„Досега имам помогнато на неколку семејства. Ќе прочитам на веб порталите и ќе дознаам за некој кој е во тешка состојба и со што можам ќе му помогнам. Многу ми е жал кога гледам дека некој страда. Во такви ситуации не можам да замислам да си легнам сит, кога знам дека некој неколку дена ништо не јадел, рече Виктор.

По вокација и по професија, Виктор и во иднина ќе се занимава со хуманитарна дејност. Својата помош несебично ќе им ја пружа подеднакво и на луѓето и на животните.

Даниела Саздова

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.