Почна реконструкција во пензионерскиот дом а станарите во зградата ќе плаќаат пониска ќирија
Се појави влага на ѕидот од северна страна во станот што го користи семејството Антиќ во пензионерската зграда во Велес. Тие живеат на првиот кат во вториот влез. Станот е гарсоњера од околу триесеттина метри квадратни. Гардероберите на двајцата сопружници, пензионери, се поставени токму на влажниот ѕид бидејќи нема друг простор во собата. Димитрије се жали дека задниот дел од гардероберот фатил мувла.
„Мувлоса лесонитот од задната страна на гардероберот. Кога едно утро го отворив се изненадив од глетката. А во тој дел горе ни стои облека и долу покривките за спиење.Веднаш се присетив на зборовите што ми ги кажаа мајсторите кои ми го варосуваа станот. Тие само што поминаа со четките веднаш ѕидот почна да се рони. Мораа да го премачкуваат со дополнителни смеси за да ја задржи бојата од варосувањето. Затоа ме советуваа да инвестирам во некаква внатрешна изолација а уште подобро ми рекоа ќе биде и од надворешна страна,“ рече Антиќ.
Проблемот со влагата не е единствен во дваесет и четирите станови, во двата влеза, на пензионерската зграда. Станарите имаа сериозен проблем и со одводот. Канализациските цевки се стари, гусени и на места оштетени да фекалиите оставаат трага од надворешна страна во бањите. Пензионерката Станка Стефанова се вселила во гарсоњерата во која најверојатно заради оштетување шољата е заѕидана до пола, од подот нагоре.
„Вака е од кога јас се вселив во станот, значи веќе десеттина години. Освен шољата треба да се сменат и канализациските цевки, дотрајани се. Разговаравме за овие проблеми со претседателот на Здружението. Тој дојде и виде. Сега очекуваме дека со него ќе најдеме заеднички јазик и ќе ги решиме овие проблеми,“ рече Стефанова.
Од становите во ходникот на зградата излегоа и нејзините соседи кои соопштија дека прво што за нив сторило новото раководство на пензионерското здружение било намалување на станарината. Наместо од 1.300 до 1.500 денари, во зависност од големината на гарсоњерата, тие по неколку месеци од покачувањето на цената повторно ќе плаќаат од 1100 до 1.300 денари.
Претседателот Веле Алексоски вели дека обврска на здружението е да инвестира во становите и да обезбеди нормални услови за живот.
„Почнавме да работиме во салата за пензионери во приземјето. Моравме да запреме бидејќи се уште не сме ги завршиле административните работи со примо предавањето на функцијата. Еве денеска се надевам дека мојот претходник ќе дојде и ќе го депинира својот потпис во Централниот регистар за да можам како што одлучивме да и платам на фирмата која што ја започна поправката на салата. Паралелно со реновирањето на приземјето ќе се менуваат и канализционите цевки. Во исто време размуслуваме за интервенции на фасадата бидејќи ние како сопственици на овој објект треба максимално да ги подобриме условите за живот на луѓето кои ни плаќаат за тоа што користат гарсоњери,“ рече Алексовски.
Градежните работи на салата што секојдневно ја користат голем број пензионери кои доаѓаат да играат шах, домино, карти, ќе продолжат деновиве по што ќе се реновира и чајната кујна. Ќе се преадаптира и просторот кој сега се користи како магацин. Приземјето ќе добие и нова дограма, како и тенда на дел од просторот на плочата во дворот. Потоа ќе следуваат и други градежни зафати. Додека течат градежните работи домот ќе работи. /У.Ј
