По јавните институции и граѓаните заинтересирани за заштеда на енергија

Објавено на 16 јуни, 2015 во 10:23

Државните институции штедат 30 отсто со искористување на обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност, додека во индустријата се заштедува енергија дури 40 отсто на годишно ниво. Вакви податоци објавија денеска невладините организации кои реализираат проекти за одржлива енергетска иднина. Засега работат со бизнис заедницата и општините. Имаат за цел да ги вклучат и граѓаните и да ја ја подгнат свеста за придобивките од ефикасното користење на енергијата и енергетските ресурси. Денеска во рамки на неделата посветена на одржливата енергија на европско ниво, уште еднаш пред бизнисмените и општините од Вардарскиот плански регион ги промовираа можностите за заштеда на енергијата.

„Интересот кај институциите и граѓаните за искористување на обновливата енергија е се поголем особено за нови технологии и можности, значи не само искористување на сончевата енергија туку искористување на сламата како извор на енергија, палетите, брикетите , ветерната енергија. Воедно и енергетската ефикасност е предмет на интерес особено обуките за енергетски контролори и активностите кои што се превземаат во институциите за подобрување на енергетската ефикасност, на јавните објекти кои што треба да претставуваат пример и показатели за примена на енергетска ефикасност во резиденцијалниот, комерцијалниот како и во индустрискиот сектор“, рече Светлана Петровска од НВО „Цепросад“.

Центарот на Вардарскиот плански регион уште минатата година почна со реализација на проекти за енергетска ефикасност во општините на Вардарскиот регион. Со финансиска поддршка на програмата за развој на ОН формираше заедничко одделение со седиште во Неготино и го обезбеди со софистицирана опрема во вредност од еден милион денари, за мерење и следење на потрошувачката енергија. Минатата година се поставија и 16 сончеви колектори на јавни институции од Вардарскиот регион.

„Преку програмата за енергетска ефикасност што ја подготвивме веќе имплементираме проекти за енергетска ефикасност и заштеда на енергија преку користење на сончевата енергија. Сончеви колектори поставивме на 16 јавни институции, проект вреден 600 илјади денари, финансиран од програмата на ОН. Пред две недели Вардарски плански регион аплицираше со проект за промена на системите за палење и гасење на уличното осветлување во Неготино, рече раководителот на Вардарски плански регион Марко Колев.

Според извештајот на Енергетската заедница за пет години се очекува заштеда на енергија од над 46 милиони евра доколку се инвестира во подобрување на изолацијата и во енергетски ефикасни системи за греење, ладење и осветлување на сите згради во Македонија./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.