Полицијата со нови кривични пријави за злоупотреби во АД „Велеспром“
За злоупотреба на службена положба , кривични пријави заработија извршниот директор на АД Велеспром, неколкумина членови на одбор на директори на фирмата како и сопственикот односно управителот на „Тедико Илија“ ДООЕЛ Велес. Тие се осомничени дека во периодот од 2006 до 2007 година сториле три кривични дела и ги оштетиле останатите акционери на АД „Велеспром“ за близу 300 илјади евра.
Во спорниот период осомничените лица, склучиле договори за продажба на деловен простор во сопственост на АД „Велеспром“. И тоа во период кога фирмата не била ликвидна и со блокирана сметка. Во ноември 2006 година одборот на директори во Велеспром одлучил да продаде деловен простор – продавница со површина од 168 метри квадратни на друга фирма од Велес. За тоа била издадена и наплатена фактура од над пет милиони денари. Слична зделка одборот на директори направил и во декември истата година кога кога склучил договор за продажба на уште еден деловен простор со површина од 52 метри квадратни за што било платено еден милион и шестотини илјади денари. Парите од двете продажби во износ од над седум милиони денари ги исплатиле како позајмица на упшравителот на „Тедико Илија“ како мнозински акционер на „Велеспром“ и член на одборот на директори на истата фирма. Тоа го направиле и покрај тоа што исплаќањето на позајмицата претставува зделка со заинтересирана страна.
Во 2006 година пријавените на собрание на акционери донеле одлука да стават под хипотека недвижен имот на АД Велеспром како гаранција за кредит побаран од „Тедико Дисконти“ Велес. Истата година е склучен договор за револвинг кредит помеѓу АД „Тутунска банка“ и „Тедико Дисконти“, за кој АД „Велеспром“ заложува имот проценет на еден милион и осум стотини илјади денари. Седум години подоцна за наплата на револвинг кредитот од Тутунска банка, преку извршител е продаден имот на АД „Велеспром“ во вредност од пет милиони и седумстотини илјади денари и на тој начин има нанеле штета на останатите акционери на велешката фирма.
Во октомври 2006 година одборот на директори на „Велеспром“ донел одлука за продажба на уште еден деловни простор – пекара на друга фирма од Велес, за што била договорена цена од 67 илјади евра плус 18 % ДДВ. Но наместо на сметката на „Велеспром“, парите од продажбата завршиле на сметката на „Тедико Транс Интернационал“ по сонов на склучен договор за отстапување, иако помеѓу двете фирми не постоеле должничко-доверителски односи. Со овој купопродажен договор осомничените на останатите акционери на АД „Велеспром“ им нанеле штета од околу пет милиони денари./Д.С
