Кружниот тек кај Авона ќе се гради покрај два времени објекти

Објавено: 21 јули, 2015, во 12:13 часот

Се расчистува просторот кај Авона, во велешка Нова населба, за изградбата на кружниот тек. Но, на локацијата останаа уште два времени објекти до тротоарот на улицата „Благој Ѓорев“ и уште два на тротоарот од улицата „Осма велешка“.Токму тие четири времени објекти, кои не работат , предиизвикаа бурна дебата меѓу граѓаните на социјалната мрежа Фејсбук. Дел од нив пишуваа дека се дислоцирани објектите на велешани кои не биле политички активни или и припаѓале на опозицијата додека останале само објекти чии сопственици се луѓе блиски на ВМРО ДПМНЕ, па токму за тоа биле привилигирани и оставени на локацијата.

Градоначалникот Славчо Чадиев го прашавме има ли вистина во тврдењата и коментарите на граѓаните кои водеа дебата на оваа тема на Фејсбук. Тој рече дека не ги познавал сопствениците на објектите и не постоеле документи за сопственоста на објектите туку општината откривала според тоа кој ги плаќал комуналните сметки.

„Јас ги отфрлам тие индикации дека се блиски луѓе на ВМРО ДПМНЕ , бидејќи сопственоста со документ никаде ја нема. Може само да се види кој плаќал струја за овие објекти. И јас ви тврдам дека немам сознанија дека сопствениците се членови на политичка партија. По проектот тие две трафики, на Благој Ѓорев, не сметаат . Инаку според првиот проект кој го презентиравме но не добивме дозвола од министерството за транспорт и врски, беше да се зачува дел од сите објекти. Требаше да се одземе само по неколку метри квадратни од објектите , но за жал не ни помина тој проект. Со вториот проект беше одлучено да се дислоцираат објектите од таа локација “, рече Чадиев.

Изминативе десетина дена, сопствениците на времените објекти, сакале или не, ја испочитуваа одлуката на локалната власт и го тргнаа својот имот од кој вадеа парче леб. Сега таму се забележуваат само остатоците од урнатите платформи на кои беа поставени објектите.

Според најавите од општината нив ќе им било понудено да конкурираат за една од триесет и петте локации на неколку места низ градот.

„Конкурсот веќе го подготвуваме и сите граѓани на Велес ќе имаат рамноправна можност да конкурираат на електронското наддавање за издавање на локација. Меѓутоа ќе имаат обврска да имаат класифицирани и стандардизирани објекти, што значи дека не може некој да има објект од плех, некој од дрво. Мора да бидат унифицирани“, рече Чадиев.

Инаку засега за изградбата на кружниот тек кај Авона, од локацијата на која претходно работеа седум, отстранети се само три времени објекти./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.