Од утре или најдоцна задутре, Физикално одделение втор ковид центар во велешка болница
4.11.2020
Подготовките се при крај за Физикалното одделение да може да се стави во функција на втор ковид оддел во рамки на Општа болница Велес. Одделението се преадаптира согласно протоколите на Министерството за здравство. Во него има 24 кревети и во него болнички третман ќе добиваат сомнителните болни заразени со коронавирус. Тешките случаи со Ковид-19 ќе се лекуваат на Инфективното одделение.
И додека за нив ќе се грижат инфектолозите, на Физикална со пациентите ќе работат, поточно со полесните форми на заразното заболување, ќе работат специјалистите по интерна медицина.
-Освен интернистите, се очекува и враќањето на работа на лекарите специјализанти кои во овој втор бран на Ковид-19 ќе треба да помагаат во работата. Исто така, пред отворањето на вториот ковид оддел или центар се екипира и средностручниот медицински персонал. Ќе сториме се за да одговориме на напливот на пациенти, рече портпаролката на Општа болница Велес др Весна Николовска Неделкова.
Таа информираше дека денеска на Инфективното одделение има вкупно 50 пациенти од кои 45 се позитивно потврдени додека пет се сомнителни.
Од вкупниот број на пациенти 16 се на кислородна поддршка. За излекуван од заразната болест денеска се води еден пациент што е испишан од болничко лекување со два негативни тестови.
По барање на уште еден пациент и неговото семејство болницата организирала транспорт и негово пренесување во Скопје на Клиника „Жан Митрев“.
Во моментов на инфективното одделение има 4 слободни кревети и тоа не е доволно со оглед на секојдневниот висок број на позитивни граѓани заразени со коронавирус во Велес.
Убавка Јаневска
