Четворица велешани останаа без возила во контроли на сообраќајната инспекција
Објавено: 9 декември, 2013, во 10:17 часот
За две недели сообраќајната инспекција одзела четири автомобили на велешани со образложение дека вршат нелегален такси превоз на патници во двата правци до Скопје . Од автопатот директно на плац во Миладиновци завршиле автомобили од марките „ Пежо 407“, „Голф 3 караван“, “Хјундаи“ и „Сеат толедо“. Сопствениците треба да платат глоба од по 500 евра.
Контролите на сообраќајната инспекција се направени на излезот од Велес, над штипска клучка поточно кај вклучувањето на магистралниот пат од Штип со автопатот за Скопје, кај Катланово и на големиот паркинг на автопатот Скопје – Велес, после Катланово.
– Полициско возило со ротационо светло излезе пред автомобилот во кој се возев со пријателот, го запре, го исклучи од сообраќај и од мене побараа лична карта. Потоа на возачот му рекоа да го носи возилото на некој плац во скопско Миладиновци. Мене ми обезбедија превоз за Велес а потоа дознав дека возилото му го одзеле, рече велешанец.
Таксистите кои имаат лиценци за вршење на превоз на патници ја потврдија информацијата. Тие велат дека станувало збор за поранешни нивни колеги кои сега не работеле. Се сомневаат дека во евиденцијата на инспекторите ги имало регистарските таблички на нивните автомобили па затоа биле запрени, им биле одземени возилата и сега ќе бидат казнети./Б.Н


