Црвениот крст, на денот на гладта, започна кампања за помош на најсиромашните граѓани
Објавено: 16 октомври, 2013, во 15:19 часот
Околу 1500 семејства во Велес, Чашка и Градско користат социјална помош преку меѓуопштинскиот Центар за социјални работи. Сите се корисници на парична помош од државата бидејќи спаѓаат во најранливата категорија на граѓани. Сто велешани секојдневно добиваат топол оброк во Народната кујна во детската градинка „Димче Мирчев“ кој го обезбедува државата.
Бројките последниве години варираат во зависност од тоа дали корисниците биле времено поточно сезонски ангажирани на работа или оствариле некаков приход но воглавно се движат околу илјада и петсто, рекоа денеска преставниците на Центарот за социјални работи на одбележувањето на 16 октомври-Денот на гладта, во просториите на Општинската организација на Црвениот крст.
Оваа хуманитарна организација ја започна кампањата „Помислете и на нас“ посветена на граѓаните кои немаат доволно пари да си обезбедат храна и живеат во сиромаштија. И годинава Црвениот крст ќе испрати 700 флаери до институции и фирми во трите општини сакајќи да ја поттикне нивната општествена одговорност. Тие ќе можат да донираат пари од кои потоа ќе се обезбедат прехрамбени производи и ќе им се поделат на сиромашните семејства во Велес, Чашка и Градско. Фирмите можат да донираат и производи.
Првиот чек со вредност од 20 илјади денари денеска претседателот на велешкиот Црвен крст д-р Милчо Трајков го доби од општина Велес.
– Овие сретства ги издвоивме од буџетот на општината со цел да се вклучиме во кампањата на Црвениот крст и оваа организација да ги додели на семејствата кои не неможат да обезбедат основни услови за живот. Иако општина Велес нема обврска да дејствува во овој сегмент, во социјалната заштита, ние со задоволство дониравме и понатаму ќе одвојуваме сретства со цел да им помагаме на нашите сограѓани, рече градоначалникот Славчо Чадиев.
-Лани во кампањата собравме вкупно 74.300 денари а околу 24 илјади се потрошени за најитни случаи додека преостанатите 50-тина илјади ќе ги потрошиме годинава поточно во наредните десеттина дена кога со помош на Центарот за социјални работи ќе се изберат семејства на кои навистина им е потребна помош во храна, рече Миле Маџаров, секретар на Црвен крст во Велес.
Сите присутни денеска апелираа на граѓанската свест за помош и побараа што поголем број на граѓани и фирми да се вклучат во кампањата од чии собрани сретства ќе можат да се помогнат најсиромашните велешани како и жители на општините Чашка и Градско.


