Дивите кампери си заминаа од „Младост“
На плажите ниту една а во боровата шума над патот на велешко езеро има уште шест камп приколки. Нивните сопственици ги подготвуваа за да ги преселат. Во приколките ги собираа предметите што ги користеле при кампувањето и ги демонтираа платформите и настрешниците. Само двајца од нив соопштија дека воопшто не им е по воља што мораат да се разделат од просторот кој за кампување го користеле една или повеке децении. Другите молчеа.
– Ете и тоа се случи, си заминуваме против наша желба. Јас се пакувам и незнам каде ќе ја носам приколката. Немам гаража, на улицата каде живеам нема доволно простор за да ја паркирам. Лично не верував дека работата ќе дојдеше до оваа фаза,мислам на преселба. Воопшто не е едноставно ниту лесно, коментираше граѓанин.
Вториот камперист, кој работеше на собирање на сметот околу приколката го слушна разговорот и ни се приближи.
– Да отидете и да ја фотографирате приколката на мојот прв сосед кој ја паркираше на паркингот кај зградата на општината. Нека ја гледаат за да не не заборават. А и јас се подготвувам таму да ја носам затоа што немам друг простор каде да ја сместам, рече овој велешанец.
Кај нив сеуште не стивнал револтот од одлуката на општината со која мораат да ги дислоцираат камп приколките од брегот на Младост. Тие и понатаму мислат дека се обесправени и тврдат оти не сметале на трасата по која треба да се постави водоводната линија.
Општината ги иссели камперистите со образложение дека таму, на местото на дивата, ќе изгради камп населба со сите услови за квалитетен престој и кампување. Тоа ќе треба да се случи откако ќе постави вода, одвод и електрична енергија. Потоа ќе ги изнајмува сите парцели на кои ќе може да се постави приколка или шатор./Б.Н