Дуќаните немаат влез и излози во внатрешноста на објектот Градски пазар во Нова населба, реагира ЈКП „Дервен“
Пазарот во Нова населба е независен објект и сопствениците на четирите дуќани немале право на влез и излог во внатрешноста на зградата, стои во писмената реакција на ЈКП „Дервен“.
„ Објектот пред 34 години комуналното претпријатие го купило од ГП „Младост“ и во него не постоеле ниту просториите што сега се преградуваат ниту висококатницата во чиј склоп тие се наоѓаат, за што доказ претставува Проектот бр. 10672 изработен од страна на Проектантското биро во јули 1978 година, каде на страната што сега се преградува е вцртан ѕид. Ова потврдува дека пазарот уште од самиот почеток бил затворен објект, независен од овие простории“, напишаа од градското комунално претпријатие.
Одтаму додаваат дека не можат да излезат во пресрет на барањето на сопствениците на просториите што се наоѓаат во склоп на зградата затоа што во затворениот објект не е можно некој да има слободен влез.
„Не е точно дека сопствениците на просториите во склоп на зградата немаат влезови и излози. Тие се наоѓаат од надворешната страна на објектот. Изненадени сме од вчерашната реакција на тројцата сопственици на просториите што се граничат со градскиот пазар во Нова населба. Наместо благодарност што досега ЈКП Дервен им дозволувало, на овие граѓани, да имаат директен влез во пазарот, а за што немавме никаква обврска, ние денеска слушаме закани за тужба на суд. Тие се сосема неосновани и ги проценуваме само како неуспешен обид за извлекување некаква материјална добивка од отварањето на маркетот во објектот на ЈКП Дервен“, стои во писмената реакција.
Таа следи откако вчера сопственици на четири дуќани се пожалија дека со преграден ѕид им се заѕидуваат влезни врати и излози, во внатрешноста на објектот во сопственост на „Дервен“.
Таму се преградува простор што треба да го користи познат ланец на маркети во Македонија. Граѓаните тврдеа дека деловниот простор го купиле пред 28 години и платиле данок на општината. Тие досега влегувале низ главниот влез на Градскиот пазар во чија внатрешност освен влезната врата гледаат и нивните излози. Нивниот адвокат најави тужба во колку не биде постигнат добронамерен договор помеѓу неговите клиенти и ЈКП „Дервен“./Б.Н