(ФОТО) Коледе ги собра велешани покрај огнот
Објавено: 5 јануари, 2014, во 22:05 часот
Покрај оган во дворовите и низ сокаците велешани ноќва го чествуваат Коледе. Верскиот празник на едно место ги собраа соседите, пријателите, другарите и роднините. Исто како минатата и година на старото место сите заедно да помуабетат, да замезат, да се напијат чашка греана ракија, да споделат спомени и да запеат.
Во дворот на семејството Нешови, во Дворови на улицата Благој Нечев, поголема група млади луѓе стојат покрај огнот. На системот е вклучена радио станица и се слуша музика. Некои потпевнуваат, други наздравуваат а двете мали дечиња се топлат покрај пламенот.

Понатаму на улицата Никола Оровчанец на ширинката традиционално на Коледе се собираат соседите. Посните мезиња и пржената риба не се доволни па граѓаните сложно ја распалиле соседската скара. На гости им дошле и пријатели од други делови на градот. Таму се пеат и песни.

Трет поголем оган, вечерва во овој стар дел на градот, гори на излезот од населбата покрај ѕидот на железничката пруга кон Гевгелија. И таму соседите, сите мажи, излегле на сред маало. Наздравуваат и во духот на традицијата се обидуваат да запеат мрсна коледарска песна.

„Јанко петел јаваше,
….. му се маваше…“
Од другата страна на железничката пруга има семеен коледарски оган. На ова место се весели семејство. Покрај нив поминува полициско возило. Ги поздравивме полицајците кои ни отпоздравија и соопштија дека се во рутинска контрола, во која само надгледуваат дали се е во ред.

Двајца нивни колеги затекнавме на плоштадот пред споменикот на Коњаникот. Ни соопштија дека празникот мине во мирна атмосвера и дека засега нема нарушување на јавниот ред и мир.

Главните улици во центарот на Велес ноќва се празни. По нив мине само ѓубрарката на јавното комунално претпријатие „Дервен“. Комуналците не празнуваат туку го собираат сметот.

Од спротива, од кај Варналиите се слуша татнеж на петарди. Го параат воздухот и одекнуваат од кај месноста Соколаана. Од другите делови на Велес блснуваат стотици снопови на светлина. Тоа значи дека нема сокак ни маало во кое вечерва граѓаните не запалиле Коледарски оган.
Коледе леде, паднало греде, утепало Деде, …. за многу години Коледе!
Дума.мк






