Во понеделник сите работници се враќаат на работа во „Колска“
Сите 150 работници на единствената македонска фабрика за поправка на возови и локомотиви во понеделник ќе треба да бидат на работните места. Тие ќе треба да ја почнат поправката на два патнички и уште неколку товарни вагони. Министерот за транспорт, Миле Јанакиевски, ги седнал на иста маса директорите на „Колска“ и на „Македонски железници“ – транспорт. Тогаш бил постигнат договор.
– Имав состанок со директорите на Колска и Македонски железници транспорт. Има период каде има технички проблеми. Сите работници на Колска ќе бидат на работите места во понеделник. Ќе добијат еден до два патнички вагони и неколку товарни за работа, рече министерот Јанакиевски.
Тој, одговарајки на новинарско прашање, соопшти дека велешката фабрика нема да се припојува кон јавното железничко претпријатие туку ќе оди на тендер и ќе се продава на заинтересиран странски инвеститор.
– Наша цел е продажба на Колска на стратешки инвеститор. Завршен е процесот на конверзија на долговите кон државата во нејзини удели. Следи процес на проценка, земјиштето е дадено на Колска и до крајот на годината очекувам јавен повик за продажба на фабриката. Се работи напоредно на два процеси изнаоѓање работа и изнаоѓање стратешки инвеститор – рече Јанакиевски.
Инаку, минатата недела, директорот ги испрати работниците на „Колска“ на едномесечен принуден одмор. Тогаш Александар Атанасов соопшти дека немаат работа бидејќи сеуште не бил потпишан договорот со ЈП „Македонски железници“ – транспорт./Б.Н