Второстепената владина комисија, ниту по 42 дена од законскиот рок, не се одважи на Јосе Крстев да му соопшти дали е пензионер!
Пред повеќе од еден месец истече законскиот рок во кој второстепената владина комисија требаше да му соопшти на велешанецот Јосе Крстев дали ќе му ја продолжи времената инвалидска пензија. Но, тој сеуште не добил одговор по жалбата и незнае дали е пензионер или зошто не може да биде ако владината одлучила да го прифати мислењето на инвалидската комисија. Освен неизвесноста Крстеви се соочуваат и со влошената здравствената состојба на Јосе. Тој е опериран од канцер на носот, има неколку мозочни удари, е поагресивен а неговата сопруга едвај излегува на крај со 3.800 денари, пари што ги добиваат за нега на болниот педесет и осум годишен човек.
– Кога пред две години му го дадоа првото решение во него лекарите напишаа дека болестите кај мојот сопруг се неизлечиви и тој е трајно неспособен за да врши било каква работа. А сега кажуваат дека е способен. Во колку сметаат дека е способен за работа тогаш нека ни се јават и нека се потрудат да ни најдат работа, било него или мене. Нека ми кажат каде Јосе може да работи. Дали таму каде што може да работи колегите ќе му помогнат да стане, да се движи за да може да ја заврши обврската која ќе му ја дадат, рече разочарано Драгица, сопруга на Јосе.
Таа не знае како да излезе на крај со храната и да купи лекови. Од што да ги плати комуналиите и ќиријата за еднособното станче во кое живее со сопругот. Не смее да го остави сам бидејќи болеста прогресира а работа никој не и дал ниту кога Јосе бил здрав. До лани до септември Јосе добиваше пензија и се беше поинаку. Но откако комисијата се предомисли и од целосно неспособен сега го направи способен за работа се се смени во животите на двајцата брачни другари.
– Не успеав на телефон да добијам никого, а го барав министерот за труд и социјала, се јавував во владата и кај претседателот на државата. Ми викаа остави ги податоците и ние ќе ти се јавиме. Никој до денеска не ми се јави. Затоа ве замолив да дојдете и уште еднаш да се обидам да добијам можност некој да ме слушне. Ако се јават добро ако не се знае тоа е крајниот момент, тука завршуваат нашите животи, немаме друг излез, рече Душанка.
Ова што сега им се случива на Крстеви е дополнителна капка во тешката и болна судбина. Ако претходно со нив си поигра кога двајцата сопружници ја изгубија работата, Драгица во здружениот суд а Јосе во Киро Ќучук, лани им го зададе најболниот удар кога ги остави и без синот./Д.С