„Мој Термин“ денеска не работел до 13 часот, тврдат лекарите додека за директорт Шабани само бил успорен

Објавено: 9 септември, 2025, во 15:29 часот

Матичните лекари и специјалистите кои денеска работеле во прва смена имале проблем со „Мој Термин“. Лекари од велешки приватни амбуланти тврдат дека не можеле да издадат рецепти како најбарана здравствена услуга или да генерираат упати за специјалистички прегледи на пациенти.

-Колешката која беше на смена, од утрово до 14 часот, ми пренесе дека имало проблеми со системот „Мој Термин“. Тој не дозволувал пристап за да се издадат потребните здравствени услуги на пациентите. Како и во претходни вакви ситуации така и денеска во договор со аптеките во Велес се надминувал проблемот со тоа што на нашите пациенти  им биле издавани лекови со розова рецепта за потоа, штом лекарот влезе и ја извади потребната бела рецепта од систем, да се издаде на аптеката од каде е земен лекот. Во втора смена системот функционира нормално и немаме таква ситуација, рече лекарка во велешка приватна амбуланта.

Уште од две приватни здравствени установи во Велес потврдија дека во текот на денот до 14 часот го имале истиот проблем. „Системот беше сосема успорен или целосно закочен“ и пренеле информации колеги од повеќе градови во државата на д-р Лили Чолакова Дервишова, претседателката на Здружение на приватни лекари на Македонија.

-Прво сосема се блокираше работата во мојата приватна здравствена установа а потоа се јавуваа колегите од Велес и од државата за да ми ја пренесат истата состојба или да прашаат дали имам информации за што станува збор. Во прва смена секаде денеска имаше голем број на пациенти поради продолжениот викенд и неработниот празничен понеделник. Разговарав со директорот на Мој Термин,  Фикрет Шабани и замолив да се интервенира затоашто не смееме да си дозволиме да враќаме пациенти од ординациите, да се создава нервоза и кај нив и кај здравствените работници, додека тој тврдеше дека системот работи со мали проблеми, рече д-р Чолакова Дервишова.

Шабани за Дума.мк соопшти дека Мој Термин денеска имал проблеми, поточно бил во функција но бил успорен.

-Мој Термин се врати во нормална состојба во 13:15 часот. Претходно функционираше но беше успорен. Успорувањето се должи на преоптеретеноста што создава проблеми во веќе стариот систем којшто нема капацитет да издржи голем сообраќај во исто време. Системот не генерира само рецепти и упати туку претставува Главен базен за сите податоци и ако некој подолг временски период не внесувал туку тоа го прави оддеднаш тогаш се создава преоптеретување. Денеска интервенирав веднаш во ФИНКИ каде се наоѓаат серверите на Мој Термин и нашите соработници го ставија на целосен мониторинг. Ќе го следат и во текот на утрешниот ден и ќе добиеме целосен извештај за да точно утврдиме од што се појавува системското закочување, додаде директорот Шабани.

Сепак според Шабани бил потребен нов Дата центар на овој систем.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.