СДСМ: Лошо скроен буџет или постојано осиромашување на граѓаните
Објавено: 1 ноември, 2013, во 15:00 часот
Советничката група на опозициската СДСМ денеска ја праша локалната власт зошто крати пари за проекти што ги предвидела,дали станува збор за недоволен прилив во буџетот и ако е така тогаш зошто нема пари.
„ Сега пак, се поставува прашањето, зошто нема доволно пари во буџетот ? Нели во Македонија убаво се живее, нели граѓаните се среќни, нели во Велес, според власта се вработиле нови 12.000 луѓе. Само уште да ни кажат каде? Па како тоа, се да е во ред, а буџетот на Општина Велес, слабо да се полни ? Има ли граѓанин, кој што доколку работи и има приходи, не би сакал навремено да си ги плати давачките спрема општината ? Значи, проблемот е до општиот амбиент, а за тоа, нај заслужна е власта“, рече Панче Иванов.
СДСМ тврди дека по две кратења на ставката за работа на граѓанскиот сектор сега се планирани само еден милион наместо три милиони и седумстотини и шеесет илјади денари.
„ Или, на граѓаните да им биде појасно, со двете кратења на пари, што локалната власт на чело со Чадиев ги предлага, за здруженијата на граѓани ќе има цели 2.710.000 денари помалку пари. Или, за цела година остануваат само околу еден милион денари. Тоа е кратење на парите за овој сектор во износ од над 70 %, од првично планираните“, рече Иванов.
Оваа прес конференција СДСМ ја одржа пред единаесеттата седница на Советот на општината закажана за во понеделник на 4 ноември на која ќе се расправа за измените и дополнувањата на програмите за 2014 година. Опозицијата смета дека бил направен буџет кој реално не може да се реализира или пак постојано се влошува економската состојба на граѓаните во Велес.


