Со преграден ѕид заѕидани 4-ри дуќани во објетот Градски пазар во велешката Нова населба
Пред четири дуќани во приземјето на објектот Градски пазар во Нова населба денеска градежна фирма ѕида ѕид. Ги заѕидува влезните врати и излозите на дуќаните. Тоа е преграден ѕид со кој се оградува просторот што треба да го користи, за маркет, познат македонски трговски ланец. Сопствениците на четирите дуќани, кои пред 28 години го купиле деловниот простор и на општината и платиле данокна имот, велат дека се затекнати од одлуката на ЈКП „Дервен“ да им ги заѕида дуќаните за да го изнајми на 30 години овој дел од градското пазариште.
– Изненадени сме бидејќи од за нас непознат изведувач на градежни работи ни се заѕидуваат влезовите во дуќаните. Јас како адвокат на сопствениците на дуќаните, во нивно име, направив обид да стапам во контакт со градежната фирма и со нарачателот на градежните работи но, не наидовме на позитивен исход. Затоа ќе поведеме судска постапка, пред надлежниот суд поднесовме барање за издавање на времена мерка за запирање на градежните работи се додека не се утврди дали има правен основ за ова што го работат, рече адвокатот Петре Георгиевски.
Тој вели дека затоа што просторот бил издаден под закуп и сопственикот ЈКП „Дервен“ се изземал од секаква одговорност. Денеска ќе се бара од градежната инспекција да излезе на лице место и да направи увид во состојбата бидејќи четворицата сопственици на дуќани неможат да влезат во нив.
– Моите клиенти освен што неможат да влезат во дуќаните исто така трпат и штета. Затоа ќе стапиме во контакт со сите надлежни институции и корисникот на овој простор за да видиме дали ќе може да постигнеме вон судско решение од кое сите нема да имаат штета. Во спротивно ќе поведеме судска постапка, рече Георгиевски.
Сега сопствениците на дуканите ја чекаат времената мерка на судот и излегувањето на лице место на судскиот извршител. До тогаш нивните дуќани не ќе можат да работат а тие ќе трпат штета. Според нив исто така е спорно што закупецот ќе им ги заѕида и водоводните цефки кои минат под подот на просторот кој ќе го користи маркетот и ќе имаат проблем со одводот.
Од Јавното комунално претпријатие „Дервен“ став за овој проблем најавија во текот на утрешниот ден./Б.Н