Стечајците од Порцеланка сметаат дека е превисока наградата од 90 илјади евра што треба да му ја платат на адвокатот
Стечајците од велешка Порцеланка добија од државата по 7 илјади евра оштета но сега сметаат дека не треба на адвокатот Трајче Торов да му платат награда секој поединечно, по 1200 евра. Тие велат дека 90 илјади евра е многу голема сума на пари и бараат Торов да работи според адвокатскиот тарифник но и да ги почитува измените во законот за облигациони односи и одлуката на Врховен суд според кои нивниот договор од пред пет години бил стар и ништовен.
– Нека види, колку жалби направил, колку пати бил за Скопје нека пресмета и ние ќе му исплатиме се што направил за нас. Но сито така да не ни наплаќа за 2008 година кога го почнавме процесот, бидејќи тој не беше ангажиран тогаш, рече Ѕвонко Самарџиев, поранешен работник на Порцеланка.
Овие осумдесеттина поранешни работници на Порцеланка тврдат дека поголем дел од нив за првпат Торов го виделе деновиве кога дошол да им подели вирмани со пополнета сума пари за награда. Тие сметаат дека најголем дел од доказите ги обезбедиле сами како и дека во бараната сума влегува и 2008 година, кога адвокатот воопшто не бил ангажиран. Порцеланци го повикуваат адвокатот да седнат и да го решат спорот. Во спротивно најавија дека ќе му поднесат кривична пријава.
Адвокатот Торов вели дека само мала група на стечајци одбивале да му платат и не било точно дека од сите нив барал подеднаква сума на пари. Работел според тарифникот на Адвокатска комора и на овие клиенти им пресметал согласно парите што ги добиле на име на отштета од државата. Од оние Порцеланци кои ништо не добиле не барал пари.
Според мислење на адвокати во Велес од 2011 година законот за облигациони односи и одлуката на Врховен суд пропишуваат награда која се пресметува во пари а не во проценти. Без разлика што договорот бил склучен во 2008 година адвокатот наградата ја земал сега па затоа требало да го почитува законот и тарифникот на комората./Д.С