Таксистите си ги бараат одземените возила и договор со државата за легална работа
Објавено: 11 декември, 2013, во 14:49 часот
Велешани кои со сопствени возила возат патници до Скопје и назад, тврдат дека сообраќајната инспекција ги оставила без парче леб кога им ги одзела автомобилите. Шестмина од нив настрадаа во контролите на патиштата. Тие бараат решение за нивниот статус.
Не се сложуваат со постапките на инспекторите дека можат да ги запрат на автопат, да им направат записник и да им го одземат возилото ако ниту еден од патниците не даде изјава дека го возеле за пари. Тие тврдат дека полицијата и инспекцијата немале докази за нелегален транспорт на патници.
– Неколку месеци не бркаат по патиштата, не снимале, не бркаат и запираат. Велат дека имало некоја специјална единица формирана само за нас. Излегуваме како да сме криминалци по патиштата, бегаме и се криеме. Со законот смеело да ни се одземаат возилата, те запира инспекција и без никакво објаснување ти велат господине излезете од возилото ќе ви биде трајно одземено и ништо повеќе. Објаснување нема, да сум барал од други институции“, вели Ефтимчо Бошков.
Овие луѓе признаваат дека возат на диво, но велат дека тоа го правеле затоа што немаат стална работа, државата не им нуди вработување а за живот им требаат пари. Сега тие бараат поедноставување на постапката со која според законот ќе можат да извадат дозвола за превоз на патници. Бараат да не ги третираат како фирми кои плаќале голема сума на пари за да обезбедат линија за Скопје.

– Баравме да не водат по паушал како занаетчиите ама ништо. Од нас бараат да исполниме некои услови на пример возилата да биле два аер бега, а бе ес кочници, клима уреди што не може секое возило што го имаме да ги исполни. Во старт требаат 800 до 900 евра а јас тие пари ги немам, додаде Бошков.
На дел од овие луѓе, им се запленети возилата во изминатите две недели кога инспектори по сообраќај и полицајци ги запреле на излезот од Велес, поточно на вклучувањето на магистралниот пат од Штип со автопатот за Скопје или кај Катланово во правец кон Велес. Тие ќе треба да платат и глоба од 500 евра. Сега бараат државата да им ги врати возилата, од скапите и квалитетни марки како Пежо, Голф, Хјундаи и Сеат и да им овозможи да се регистрираат за да продолжат да работат.
– Пред нас ги заплашуваа патниците да кажеле дека ги возиме за пари. Тие не признаа па си напишаа дека сме ги возеле по 100 денари. А не е така еве да им кажеме дека ги возиме за цена од 170 денари во еден правец до Скопје или обратно. Не се сложувам дека треба така да ме тормозат мене или луѓето. И јас заработувам, значи нењ сум криминалец, не пренесувам дрога или емигранти за да ми конфискува возило. Нека ме казни, нека ме даде на суд а не вака. Како сега да им однесам леб и млеко на моите деца, рече Фејзо Али.

Инаку, по донесувањето на измените во Законот за патен сообраќај сообраќајните инспектори имаат право да интервенираат и да ги одземат возилата на лице место кога ќе откријат дека во нив таксистот нелегално превезува патници. Но за тоа треба да имаат доказ велат незадоволните таксисти. /Б.Н


