Укината пресудата за „Ореше“, предметот по четврти пат во велешкиот суд
Апелациониот суд во Скопје ја укинал ослободителната пресудата во случајот „Ореше“ и предметот го вратил на повторно судење, четврто по ред, пред судот во Велес, потврдија судски извори за „Дума“.
Скопскиот суд ја прифатил жалбата на Основното обвинителство во Велес, која била поддржана и од Вишото обвинителство, и наложил ново, четврто судење за нарачаното и платено убиство на старецот Лазо Милошески во велешкото село Ореше.
Судот во Велес пролетва донесе ослободителна пресуда за браќата Ордан и Љубе Ѓорѓиевски, обвинети дека го убиле Лазо Милошевски и за Ѓоре Петровски, гастрбајтер од САД, кој одговараше како нарачател на убиството. До пресврт во предметот дојде откако заштитениот сведок во случајот, со псевдоним „Бреза“ го откри својот идентитет и ја промени изјавата, тврдејќи декалажел на претходните судења по налог на МВР.
Златко Арсовски, алијас „Бреза“ тврдеше дека не било вистина тоа што го кажувал дека браќата се извршители на убиството, а Петровски нарачател.
Апелациониот суд во своите напатствија сега посочува дека првостепениот суд треба да утврди повеќе елементи кои се однесуваат на исплатата на парите од Америка но и на новата околност, дали има други материјални докази кои упатуваат на вина кон обвинетите, независно од тврдењето на, до вчера заштитениот сведок.
Предметот ќе се врати пред велешкиот суд, иако постоеле дилеми дали треба да се суди таму, откако за тој случај беа уапсени и осудени судијата и обвинителот кои го имаа предметот.
Тројцата судии кривичари кои работат сега во велешкиот суд немале преземени дејствија во овој предмет, па од тука нема правна пречка предметот да биде распореден кај било кој од нив. Сепак, не е исклучено, одбараната на обвинетите да бара изземање на велешкиот суд, бидејќи адвокатите беа бранители и на уапсените во предметот „Ликвидација“ или сведоци во истиот предмет.
Деновиве се очекува пресудата да биде доставена до странките, а судот да одлучи и за притворот на обвинетиот Ѓоре Петровски, кој беше укинат со објавување на ослободителната пресуда.
Саше Димовски