Велешка „Колска“ на принуден одмор

Објавено: 1 ноември, 2013, во 16:26 часот

На принуден одмор, од денеска, се сите 145 работници на велешка „Колска“.  Од синдикатот велат дека работа за овој месец нема и одморот бил најбезболното решение за нив. Работниците се дома и немаат решенија за принуден одмор.

Документот го чекаат откако се договориле со директорот да одмараат најмногу еден месец а плата да земат само за десет проценти пониска од редовната.

– Планирано беше да имаме работа и за овој месец, најавени беа поправки на педесетина вагони. Не знам што се случи наеднаш, но ова работа не пристигна и во разговори и со директорот и со вработените се договоривме да одиме еден месец на принуден одмор со тоа што ќе земаме деведесет проценти од досегашната плата, рече Слободан Димитриовски, претседател на синдикатот на Колска.

Истото го соопшти и директорот Александар Атанасов. Тој тврди дека сите се договориле да не прават дополнителен трошок на фабриката во вакум просторот во кој се чека новиот договор со ЈП Македонски железници – транспорт. Атанасов рече дека за дваесеттина дена сите работници ќе се вратат на работните места. Димитриевски се надева дека директорот ќе го одржи дадениот збор.

– Дадовме еден разумен рок од 20 до 30 дена за да се најде работа и се надеваме дека така и ќе биде. Ако не се исполни ова писмено ќе го изветиме министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски и се разбира ќе преземеме синдикални активности. Мора да се најде решение за нас бидејќи речиси сите зависиме од оваа работа, ние  и нашите семејства, рече Димитриевски.

Единствената  фабрика за одржување на вагони во земјава е во државна сопственост и работи за потребите на  ЈП „Македонски железници“ АД Транспорт. Досега  „Колска“ два пати беше ставена на продажба  но за неа немаше заинтересиран купувач. Работниците велат дека се спрема нова продажба која не ја одобруваат затоа што сметаат дека државата нив треба да ги спои со МЖ – транспорт./Б.Н

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.