Велес доби ново место за уживање
Просторот претпознатлив како „Црвенкапа“ сместен во градскиот парк во Велес, после долги години доби нов изглед. По повод 5 јуни, Светскиот ден на животната средина , преку песна, игра и смеа од денеска, официјално се пушти во употреба новото езерце. Градоналачникот на Општина Велес, Аце Коцевски, објасни дека ова место се претвори во убаво катче во кое ќе уживаат младите но и постарите граѓани и упати апел сите заедно да се грижиме и да го чуваме како свое.
– Ова место кое до пред извесно време беше прилично запоставено иако некогаш било култно место кое повозрасните го паметат како „Црвенкапа“ , денеска доби нов изглед. Голем дел од нашите сограѓанки и сограѓани, особено најмладите, ќе поминуваат дел од своето слободно време во убава, чиста и здрава животна средина со прекрасна околина. Би сакал да им се заблагодарам на членовите на Советот на Општина Велес кои ја прифатија идеата да обезбедиме средства од буџетот во висина од 2 милиони денари за изградба на ова езерце, но особено сакам да им се заблагодарам на вработените во ЈКП „Дервен“ за прекрасната изведба, додаде Коцевски.
Езерцето е на површина од околу 1000 метри квадратни, се користи природна изворска вода, површината околу езерцето е засеана со нова трева, поплочени се патеките, има многу клупи за одмор и корпи за отпадоци. Ова место ќе биде парк на нови пријатества, нови вљубувања, детска смеа и простор за одмор на повозрасните.
На настанот присуствуваа и пратеникот Игор Здравковски, членови на Советот на Општина Велес, директорот на Јавно комунално претпријатие „Дервен“, претседателот на управниот одбор на ЈКП „Дервен“, директори и директорки на јавните установи во Општина Велес.
На свеченоста учество земаа и девојките од балетското студио „Анабела“ и најмалите од детската градинка „Димче Мирчев“. Тие преку песна и игра му дадоа душа на овој простор и за крај пуштија бродчиња од хартија во езерцето за мирна пловидба на овие езерски води.
Стефани Манева