Велес е хуман град, во 2022 година собрани вкупно 3.721 крвни единици
Вкупно 3.721 крвни единици се собрани во текот на 2022 година, со што годишниот план од 1.776 е остварен со 209.51%. Овие бројки повторно покажуваат и докажуваат дека Велес е хуман град. Според направениот Извештај за активностите на Црвен крст на РСМ – Општинската организација Велес како и остварените резултати во крводарителството, за време на 26 крводарителски акции биле собрани 1.313 крвни единици, додека преостанатите 2.408 се собрани во Одделението за трансфузиона медицина во Велес од самоиницијативни дарувања.
Од вкупниот број на собрани крвни единици, 861 се од крводарители жени додека 392 се од дарители кои за прв пат дарувале крв и станале дел од најголемото хумано семејство.
-Во споредба со претходната 2021 година собрани се 44 крвни единици повеќе. Во 2021 година собрани се 3.677 крвни единици а годишниот план беше остварен со 207.03 %. На терен беа изведени 24 крводарителски акции на кои беа собрани 1.166 крвни единици. Бројот на дарувања од крводарители жени е зголемен за 9, а бројот на нови крводарители е немален за 46, поточно во 2021 година имало 852 крводарувања од жени, а 438 од дарители кои прв пат дарувале крв. Од прикажаните податоци може да се констатира дека во текот на 2022 година има зголемување на бројот на собраните крвни единици во однос на 2021 година. Со собраните 3.711 крвни единици обезбеден е континуиран и доволен прилив на крв во ЈЗУ Општа болница во Велес и се исполнети обврските према клиничкиот центар во Скопје, соопштија од велешки Црвен Крст.
Извештајот, исто така, покажува дека крводаритеските акции се добро организирани со зголемен одзив на доброволни дарители. Од велешки Црвен крст велат дека бројката на дарители на крводарителски акции е највисока во последните неклку години.
– Претходната година, по три крводарителски акции беа изведени со дарители од општина Чашка и Општина Градско како и во гарнизонот на АРМ во Велес. По една се идведе, со вработените во МВР-ПС Велес, со ООУ „Блаже Конески“, со Детските градинки со Здружение „Велес Бајкинг“ и по две со учениците од средните училишта во градот, освен СОУ „Јовче Тесличков“ каде има премалку ученици за реализација на акција. Останатите беа наменети за граѓанството и се изведоа во Ликовниот салон, На 17-ти април и на 06-ти Ноември со мото клубот „Носачи на крстот“ беша организирани двете најголеми крводарителски акции со вкупно 327 дарувања. Од интегралниот план за организирање крводарителски акции за 2022 година, на подрачјето на дејствување на Општинската организација на Црвен крст не се организараа планираните акции во село Папрадиште по повод Петровден, во ЈКП „Дервен“ и во ОСУ „Јовче Тесличков“, додадоа од организацијата.
Исто така, неопходно е да се истакне дека одлични резултати се постигнати и од самоиницијативните дарувања. Во текот на претходната година беа организирани и манифестации за доделување на јубилејни признанија за крводарители кои имаат по 50, 75 и 100 дарувања како и признанија за 5, 10 и 25 дарувања.
Инаку, на првата крводарителска акција за 2023 година, организирана на 15 јануари во просториите на велешкиот театар беа собрани 86 крвни единици. Оваа бројка на собрани крвни единици, за прва зимска крводарителска акција, е најголема во последните пет години.
Стефани Манева