Велес ќе добие нов кеј на десната страна од река Вардар
За девет месеци од сега, Велес ќе добие нов кеј на десната страна од река Вардар со што граѓаните ќе добијат уште едно катче за рекреација. Градоначалникот на Општина Велес Марко Колев рече дека градот после 20 години ќе добие нов кеј а со тоа и можност за развој на туризмот.
-Со компанијата ДЕЛТА – ПРОМ ИНГ од Велес го потпишавме договорот за изградба на нов кеј во вредност од 407.572 евра. Рокот на изведба е од осум до девет месеци и се работи за 200 метри од спротивната страна на веќе постоечкиот кеј којшто е изграден пред 20 години. Тоа значи дека од „Нов мост“ кон „Мало мовче“ па и до првите куќи ќе биде направен овој кеј. При крајот на месецот очекуваме делегација од Европска Унија заедно со партнерите од Грција со што официјално би го започнале почетокот на изградбата, додаде Колев.
Овој проект е во рамки на ИПА програмата за прекугранична соработка со Република Грција и финансиран од Европска Унија.
Стефани Манева