Велес ќе има нов кеј најдоцна до крајот на месец октомври   

Објавено на 28 март, 2023 во 13:35
Фото: Архива на Дума.мк

Триесет и први октомври е крајниот датум за целосна изградба на новиот кеј во должина од 200 метри на десната страна од река Вардар во Велес. Градежните активности беа започнати пред три месеци и по краток период беа прекинати. Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, на денешната прес – конференција на која се презентираше проектот „Креативни можности во туризамот“, рече дека сите договори и дозволи веќе се потврдени и се чека да се намали нивото на река Вардар за изградбата да продолжи.

Фото: Градоначалник Марко Колев и проект менаџер Денис Жерновски

-Почнавме да работиме но имавме застој од три месеци поради неразбирливи причини од оваа гледна точка. Сите договори и сите дозволи коишто и претходно ги имавме, сега се потврдени, се во просториите на Општина Велес и ги имаат надзорот и изведувачот. Во моментов проблем ни прави водостојот на река Вардар, поради интензивните врнежи коишто ги имавме овие денови. Штом се намали водостојот на река Вардар продолжуваат градежните работи, додаде Колев.

Фото: Денешна прес конференција за презентација на проектот

Во текот на презнтацијата, проект менаџерот Денис Жерновски, рече дека основната цел е подобрување на атрактивноста и промовирање на туризмот во прекуграничната област, зголемување на вработеноста во туризмот и користење на потенцијалот на речните брегови како туристичка атракција.

Фото: Проект менаџер Денис Жерновски

-Како специфични цели се појавуваат и развивање на нова туристистичка атракција на бреговите на река Вардар, привлечноста за бреговите на река Лерин, промовирање на градот Лерин, стимулирање на создавање нови туристички услуги, поддршка на локални иновативни иницијативи во областа на туристичката уметност и занаетчиство за да започнат сопствен бизнис. Како активности на Општина Велес се појавуваат изградба на 200 метри кеј, поставување на два киосци за продажба на сувенири и занаетчиски продукти, организација на дво – дневен тренинг за 22 учесници на тема туризам и занаетчиство. Додека, на партнерите поточно на развојна агенција „Флорина“ како активност им се појавува организација на семинар за подобрување на деловните капацитети на бизнисите опфатени со проект, додаде Жерновски.

Фото: Денешна прес конференција за презентација на проектот

Овој проект е финансиран од страна на Европска Унија преку ИПА програмата за меѓугранична соработка помеѓу Македонија и Грција. Буџетот изнесува 655.732 евра од кои 438.452 за Општина Велес и 217.208 за развојна агенција Флорина.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.