Велес повторно на врвот на табелата на градови со загаден воздух во државата (фото)

Објавено на 3 април, 2023 во 15:44
Фото: Архива на Дума.мк

Државната мерна станица за квалитет на воздух, поставена во дворот на детската градинка „Димче Мирчев“ во населба Тунел и денеска измери четири пати повисоки концентрации над дозволените вредности. Поточно, ПМ 10 честичките изнесува 199 mg/m3.  

Фото: Загаден воздух – денеска, 3 април 2023

Овој тренд на високи коцентрации на загаденост во воздухот над дозволените вредности трае подолг временски период. Последните два дена од месец март, истата мерна станица измери за околу шест пати повисоки концентрации и тоа на 30 март 385 и ден потоа, на 31 март, 344 ПМ 10 честички mg/m3.

Фото: Загаден воздух – 31 март, 2023
Фото: Загаден воздух – 31 март 2023

Дума.мк веќе пишуваше за минато месечните загадувања кога од Општина Велес како официјален став и беше соопштено дека причина се градежните работи кои подолг временски период се изведуваат на улицата „Благој Ѓорев“ во населба Тунел. Тогаш, од општината соопштија дека изведувачот на градежните работи не ја прскал со вода постојано градежната траса а прашината ја регистрира тамошната мерна станица бидејќи се наоѓа веднаш до трасата на работа. И покрај ветувањето од страна на изведувачот на градежните работи, најверојатно фирмата не работи според законските прописи и не го почитува даденото ветување за безбедна работа и не загадување на воздухот со ПМ 10 честички којшто се составен дел на прашината.

Фото: Улица „Благој Ѓорев“ во населба Тунел

Граѓаните што живеат во оваа населба во Велес, бараат од општинските инспектори секојдневни контроли и ако е потребно примена на казнени одредби. Тие констатираат дека освен што подолго време возат и имаат штети на сопствените возила, исто така, директно го дишат нечистиот воздух што може да биде причина за разни заболувања.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.