Велес се чисти од пластичен отпад, сепак за „селектирај и рециклирај“ потребно е поголемо внимание и ангажман во заедницата
Околу 1.000 м3 пластичен отпад на годишно ниво собира комуналната служба на јавното општинско претпријатие „Дервен“ и уште 1071 килограми ЕД “Вила Зора“. Иако граѓаните бараат по чести собирања од претпријатието сепак глетката на велешките улици засега прикажува задоволителни резултати. Освен инцидентно, околу корпите за отпадоци или контејнерите, се помалку има купови од пластични шишиња на улиците во Велес.
Сепак оваа пракса би требало да се спроведе и на брегот на велешко езеро „Младост“. Таму за време на викендите количината на пластични шишиња е голема.
„Отпадот од пластика на територијата на Општина Велес се собира еднаш во две недели, а од централното градско подрачје еднаш неделно, секоја среда, од садовите за отпад од пластика како што се канти за отпад од пластика и кошеви, поставени на повеќе локации. Неделно се собираат околу 20 м3 отпад од пластика. Според нашите проценки тоа изнесува околу 1/3 од целокупниот отпад од пластика што се создава во нашата општина. Иако во споредба со изминатите години селекцијата на отпад од страна на населението денеска е повеќе застапена, очигледно постои потреба од пообемна и поширока примена на селекцијата на отпад, што пак ќе допринесе за почиста и поздрава животна средина,“ соопштија во одговор на новинарско прашање од ЈКП „Дервен“.
Собраната количина на пластичен отпад комуналното претпријатие ја предава на фирма за рециклирање.
Исто така, на вкупно 25 локации во Велес екологистите на „Вила Зора“ имаат поставено жичани контејнери во кои собираат пет амбалажа. Минатата година само од пет локации собрани се 1.071 килограми пластични шишиња додека годинава, од јануари до пред некој ден уште 240 килограми што е за 25 килограми повеќе од истиот период во 2023 година.
„Најголема количина на пластика собира ООУ“Рајко Жинзифов“ во Горно Оризари. И во моментов има пет амбалажа за собирање што наскоро ќе ја собереме и предадеме на фирмата за рециклирање,“ соопшти Олгица Наумоска од ЕД „Вила Зора“.
И покрај зголемената јавна свест на граѓаните и понатаму треба да се посветува внимание на собирање, селектирање и рециклирање на пет амбалажата, порачаа екологистите.
Убавка Јаневска