Во сообраќајна несреќа, во центарот на Велес, повреден возач на мопед

Објавено на 30 март, 2016 во 16:01

Повреден возач на мопед е билансот на сообраќајната несреќа што попладнево околу 17 часот се случи на главната сообраќајница „8 Септември“ во Велес. Итната медицинска помош веднаш го пренесе повредениот во велешката болница. Мопедот остана да лежи на коловозот пред поранешниот хотел „Интернационал“ во строгиот центар на градот. Со него возачот најверојатно удрил во автомобилот марка „голф“ со велешки регистерски таблички во моментот кога возилото се симнувало од тротоарот пред зградата на Основниот суд на коловозот на улицата.

Додека ја фотографиравме случката полицијата вршеше увид на местото на несреќата. Тоа беше причина за создадените долги колони со возила, доцна попладнево, во центарот на Велес поточно на плоштад „Сармаале“.

Увидот треба да ги открие околностите и причините под кои се случила сообраќајката.

За неполни триесет часа ова е втора сообраќајна несреќа во Велес. Првата, со смртни последици, се случи вчера претпладне околу 10 часот на крстосницата на улиците „АСНОМ“ и „Андон Шурков“ помеѓу автомобил марка „рено матиз“ во сопственост на такси компанија и камион. Тешко повредениот возач на такси возилото С.А.(45) од Велес им подлегна на повредите на пат кон болница. Возачот на камионот С.А. (24) од селото Бузалково не беше повреден./У.Ј

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.