Во кома и со сериозни повреди пренесен е во скопскиот Ургентниот центар тешко повредениот во сообраќајката кај “Стоби“
Поради тешки повреди на главата, повеќе рани и крварење на телото настраданиот возач во сообраќајната несреќа на автопатот Гевгелија – Скопје е префрлен во скопскиот Ургентен центар. Сообраќајната несреќа се случи денеска околу 14.40 часот на автопатот Гевгелија – Велес, во близина на археолошкиот локалитет „Стоби“. Кога повредениот бил донесен во велешката болница тој бил во кома. Веднаш по реанимацијата, тешко повредениот маж е пренесен во скопскиот Клинички центар.
– Беше донесен со сериозни повреди на главата, по телото и екстремитетите. Веднаш штом го сопревме крварењето на раните од телото и направивме потребни снимања пациентот го испративме во Скопје. Неговата здравствена состојба беше сериозна, рече д-р Љупчо Леов специјалист по хирургија и ортопедија.
Според првични информации на портпаролката на СВР Велес, Анита Стојковска, тешко повредениот маж во денешната сообраќајна несреќа повредите ги стекнал при излетување на возилото од автопатот. На местото на сообраќајката увид прават Јавен обвинител од Неготино и увидна полициска екипа од полициската станица во Кавадарци. Тие ќе треба да ги утврдат причините за несреќата./У.Ј