Велешанец на 70 годишна возраст е удавениот маж во Вардар, кај „Бентот“

Идентификуван е пронајдениот, пред два дена машки леш, во водите на река Вардар во близина на “Бентот“ во Велес. Станува збор за 70 годишен велешанец којшто неколку минути пред да се удави бил забележан од страна на кајакар којшто тренирал во реката. Човекот со две торби во рацете се движел на брегот на Вардар.
„Спортистот при наредниот круг на веслање со кајакот ја забележал една од торбите на брегот за потоа да го види и телото на велешанецот во водите на реката. Тој го извадил од водата и се обидел да му даде прва помош откако побарал доаѓање на екипа на Итна помош. Лекарот за жал констатирал смрт кај давеникот,“ соопшти Основно јавно обвинителство Велес.
Според обвинителството, по издадена наредба, телото било испратено на обдукција но, објавената информација од медиумите придонела семејството за кратко време да пријави во СВР Велес дека откако излегол од дома сеуште не е вратен нивниот сопруг и татко.
Реализирана била постапка на идентификување во којашто удавениот маж бил препознат од семејството.
Убавка Јаневска


