Велешани тврдат дека пластичниот отпад не се собира, од ЈКП „Дервен“ демантираат
На социјалните мрежи граѓани коментираат дека Јавното комунално претпријатие „Дервен“ не го собира редовно пластичниот отпад, поточно пластичните шишиња, иако тие го селектираат отпадот во две посебни канти. Според велешани, во изминатите два месеца работниците од комунална хигиена не поминуваат со трактор за да го соберат од домовите селектираниот отпад со пластика, па дел од нив прашуваат и дали воопшто треба да се селектира отпадот или пластиката да ја мешаат со останатиот смет.
Дума.мк испрати новинарски прашања до ЈКП „Дервен“ за тоа кога се собира пластичниот отпад и оттаму одговорија дека собирањето на пластика се прави во два различни денови, посебно за во централно градско подрачје и посебно за по реони.
-Во врска Вашето прашање Ве информираме дека секоја среда се собира отпад од пластика во централното градско подрачје, а секоја втора сабота се собира отпадот од пластика по реони, пишува во одговорот на првото прашање.
На второто прашање, дали е точно тврдењето на граѓаните дека во изминатите два месеци ниту еднаш не поминале работниците на комунална хигиена да соберат пластика и пластични шишиња тие одговорија дека отпадот се собира редовно.
-Ве информираме дека отпадот од пластика се собира редовно секаде каде има поставено садови за одлагање на отпад од пластика, пишува во ставот на ЈКП „Дервен“.
Стефани Манева