Велешка Општа болница остана без супспецијалист пулмолог што е сериозен проблем за граѓаните со белодробни болести

Објавено на 26 април, 2023 во 15:13
Фото: Архива Дума.мк

Нема лекар специјалист и супспецијалист пулмолог во ЈЗУ Општа болница Велес. Единствениот си замина во пензија минатиот месец. Тоа им создаде проблеми на десетици велешани кои редовно, секој ден мораат да примаат терапија чие издавање во аптека не е возможно без печат и потпис на супспецијалист и со копија од извештајот на супспецијалистот. Овие пациенти не ќе можат ни да одат на прегледи коишто се задолжителни на три или шест месеци како услов да се продолжи терапијата. Поголем број од нив користат спрејови за инхалација кои се скапи ако се набавуваат на приватно но и не можат да се купат без извештај од супспецијалист.

Проблемот е сериозен и за ново именуваниот в.д директор Ристе Богоевски. Тој се обидел да го реши со тоа што му понудил на пензионираниот пулмолог да биде ангажиран со договор но бидејќи тоа му го скратува правото на добивање на пензијата за него не било прифатливо.

-Се обидувам да пронајдам решение со ангажирање на друг пулмолог супспецијалист.

Никој од вкупно 13 специјализанти на велешка болница не специјализира на оваа медицинска гранка. Информирано е и Министерството за здравство. Решение мора да има бидејќи сме се обврзале да испорачуваме навремени и квалитетни здравствени услуги на пациентите, додаде Богоевски.

Јавната здравствена институција се соочува со ист проблем откако во пензија замина и единствениот супспецијалист за уво, нос и грло. По последните петмина лекари примени на работа во болницата, минатата година, потребни се уште најмалку толку за да се одржи баланс во работата и да биде по безболно заминувањето во пензија на наредните лекари специјалисти и супспецијалисти. Ново примените во исто време потребно е да добијат и специјализации за да се надмине неповолната состојба со недостаток на високо стручен медицински кадар.

Дума.мк вчера испрати прашања до министерството во кое побара став за решението на проблемот на граѓаните поврзан со неопходниот супспецијалист пулмолог. Оттаму до објавување на новинарскиот текст не стигна одговор.

Сепак не е толку алармантна состојбата со потребата од специјалистички прегледи за болести на уво,нос и грло. Ако во болницата нема во градот има отворени две специјалистички приватни ординации во кои работат двајца лекари специјалисти. Втората приватна ординација има потпишано договор со Фондот за здравство.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.