Велешки Црвен крст ги доделени сертификатите за негуватели на стари лица во градот (фото)

По пауза од скоро една деценија од страна на Општинска организација на РСМ – Црвен крст Велес, беше организирана обука за негуватели на стари лица во градот. Љубинка Стефановска е една од петнаесетте лица коишто денеска се здобија со сертификат за негуватели на стари лица по три месечна посета на оваа обука. Според неа со помош на овој сертификат многу полесно ќе може да донесе зрак светлина до некое лице коешто има потреба од помош.

-Оваа обука одлучив да ја посетувам од хуман аспект. Верувам и сакам да го работам ова. Искрено се надевам дека ќе го искористам овој сертификат бидејќи реалноста е дека градинките ни се празнат а домовите за стари и изнемоштени лица ни се полнат, додаде Стефановска.
Секретарот на велешки Црвен крст Орце Николов рече дека оваа обука ја посетувале 15 невработени лица коишто во наредниот период со помош на овој сертификат ќе си го најдат местото на пазарот на трудот и ќе бидат соодветно ангажирани за нега на возрасни лица.

-Обуката се одржува по сертифицирани стандарди и по верификувана програма на државно ниво. Истата опфаќа 250 наставни часови составени во три модули. Обуката започна на 15 февруари и траеше до 10 мај. Денеска ги доделивме сертификатите и посакувам истите да бидат максимално искористени, додаде Николов.

Оваа обука била спроведена од четворица стручни лица, д-р Јадранка Мишкова, медицинска сестра Тања Јаковлевска, социјален работник Нада Трајкова и специјален едукатор – дефектолог Мирјана Дамјановиќ.
За време на доделувањето на сертификатите, д-р Јадранка Мишкова им се заблагодари на сертифицираните негуватели и им посака работата што ќе ја пронајдат да им носи задоволство.

Обуката била аплицирана од централната канцеларија на Црвен крст и е дел од проектот „Ублажување на последиците од Ковид-19“ со акцент ставен на повозрасните лица.
Стефани Манева
