(Видео) Градоначалник Колев: ОЈО Велес да постапи за случајот со машината за бележење на хоризонтална сообраќајна сигнализација
![](https://duma.mk/wp-content/uploads/2024/01/Untitled-design-43.png)
Градоначалинкот на Општина Велес, Марко Колев, на денешната прес конференција соопшти информации поврзани со набавката на машината за бележење на хоризонталната сообраќајна сигнализација, во вредност од 2,6 милиони денари. Како што рече, одлуката на службите за потребата од ново специјализирано возило за сопствени потреби на општината, за одбележување на хоризонталната сигнализација, била донесена по долги истражувања.
-Вакви или слични машини има набавено во Општина Струмица, Кавадарци, Битола, Радовиш, Центар, Илинден и други градови. Вакви машини со вакви карактеристики имаат и приватни фирми кои работат на големи инфраструктурни проекти. Машината ќе започне да се користи кога ќе се подобрат временските услови, бидејќи потребно е да биде над 15 степени целзиусови и улиците ќе се одбележуваат толку колку што е потребно, додава Колев.
Градоначалникот соопшти и дека спецификацијата за набавка на машината е изработена од сообраќајни инженери вработени во Општина Велес.
-Спецификацијата е направена и тие може да ви кажат дека оние машини што се набавени во Кавадарци и во Битола, се многу по моќни од нашата машина и дека нема потреба толку финансиски средства да се даваат за разлика од машините коишто се набавени во Радовиш и во Илинден кои се со многу помал капациетет од нашата, додава Колев.
Колев соопшти дека општината изминатите години плаќала помеѓу еден до два милиони денари за бележење на хоризонтална сигнализација на приватни фирми, и по неколку дена бојата избледувала.
-Немаше проблем, кога се носеше ребалансот на буџетот на Општина Велес. Каде што јас јасно, гласно и недвосмислено ја кажав сумата којашто е објавена. Не беше никаков проблем кога се спроведуваше постапката, не беше проблем кога се набави машината, не беше проблем кога едногласно сите советници кои беа присутни на Советот на Општина Велес донесоа одлука за префрлање на машината од сопственост на Општина Велес на користење на ЈКП „Дервен“, за да можат они со стручните служби врз основа на налози дадени од општината да ја користат машината, додаде Колев.
Министерството за внатрешни работи, по допрен глас, како што рече Колев веднаш ги посетиле просториите на Општина Велес кадешто им била доставена целата документација и го повика Јавното обвинителство да постапи.
Инаку за набавката на машината за хоризонтално одбележување имаше јавни реакции и од членовите на Советот на Општина Велес, од советничка група на Левица, кои објавија статус на Фејсбук како за марката така и за платената сума од 45 илјади евра.
Стефани Манева
![](https://duma.mk/wp-content/uploads/2021/05/SEMM.jpg)