(Видео) Хуманитарката Здравкин со лична иницијатива за помош на семејство во Кочани

Објавено на 20 април, 2025 во 16:16

Шеесет и едeн рачно изработени сувенири беа само дел од поголемиот број на рачни изработки на хуманитарката Ленче Здравкин коишто можеа, на нејзиниот штанд на Велигденскиот базар, велешани да ги купат за толку финансиски средства колку што лично можат да донираат за едно семејство на загинат маж, поточно татко, во трагедијата во Кочани. Картонска кутија на која беше испишан натписот „61 = 61 и зборот Кочани“ го препознаа поголем број на граѓани кои беа посетители на оваа манифестација којашто деновиве се одржа во Младински парк во Велес. Дел од нив донираа финансиски средства и си земаа а имаше и граѓани кои донираа пари без да земат од рачните изработки.

Здравкин за идејата што таа лично ја спроведе во Велес рече дека произлегла од нејзините душа и срце, сосема случајно, непосредно по кобниот 16 март 2025 година. Откако два дена претходно и Ленче стана баба, на втор внук, иако искрено жали за загубата на сите млади животи во оваа последна македонска трагедија, особено ја погодила веста дека во трагичната ноќ, во дискотеката „Пулс“, во Кочани, и еден татко го славел раѓањето на својот син, прва рожба, во неговото семејство. За жал и тој е помеѓу загинатите кочанчани.

Еве што Ленче Здравкин рече за Дума.мк за нејзиниот мотив лично да помогне на едно семејство во Кочани.

Ленче Здравкин веќе остварила контакти со младите луѓе кои од првичната иницијатива „Support Kocani“ веќе регистрираа и истоимената граѓанска организација. Храбрите и неуморни млади луѓе, кои доброволно работат за да соберат што поголем број на донации за семејствата на загинатите и на своите сограѓани кои се лекуваат во Македонија и во странство, на Здравкин, и ветиле дека ќе и обезбедат средба со сопругата и новородениот син на загинатиот маж.

Велешката хуманитарка рече дека ги брои деновите кога новороденчето ќе наполни 40 дена за потоа да може да го посети и земе во прегратка исто како и своите внуци. „Посакувам искрено, мајчински да ја прегрнам и неговата мајка, да ја охрабрам и да и дадам сила да ги преброди загубата и очајот, како жена на жена“, додаде Ленче Здравкин. Тоа ќе биде средба и на предавање на собраните финансиски средства.

До нејзиното заминување во Кочани сеуште има време свои донации да подарат велешани кои ќе го прочитаат овој текст. Ленче Здравкин е достапна на нејзиниот моб.тел.број 078/423 401.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.

MIT License