(Видео и фото) Не е реализирана ветената санација на училишната спортска сала во „Коле Неделковски“ по затворање на корона вакциналниот пункт во Велес
Реонструкција на ученичките тоалети, на покривот, на вратите и подовите во 34 училници и Машинската работилница се четирите приоритетни проекти со кои би се подобриле условите за одржување на настава во Државното училиште – Регионален центар „Коле Неделковски“ Велес.
Сите четири проекти се значајни додека реконструкцијата на спортската сала е од особен интерес за ова средно стручно училиште откако таа се користеше како објект за вакцинирање на граѓаните, вакцинален пункт, во време на корона кризата во државата. Тогашните ветувања дека овој дел на училиштето ќе биде реконструиран по завршување на корона кризата не се реализираше. На уништениот паркет и не санираниот покрив, од кој вода тече при секое врнење на дожд, во салата продолжи одржувањето на наставата по физичко образование, спорт и здравје. Професорите и хигиеничарите водата ја собираат во садови и ја исфрлаат за да го спасат и онака девастираниот паркет.
Затоа како прв приоритет, за кој средното стручно училиште подготви комплетна градежна документација , со која бара од Министерство за образование и Агенција за млади и спорт интервенција преку комплетна реконструкција е спортската сала, рече денеска директорката Весна Стојанова Богоевска.
Засега нема конкретен одговор дали и кога државата, преку министерството или агенцијата, ќе превземат мерки и ќе го реконструираат спортскиот училишен објект. Во него настава се одржува за вкупно 876 средношколци.
Убавка Јаневска