Во театарска претстава, велешките гимназијалци, ја прикажаа саможртвата на Гемиџиите (видео и фото)

Со театарска претстава „Самооткажаните“ се вклучи СОУ„Гимназија Кочо Рацин“ во одбележувањето на 120 годишнина на делото и саможртвата на Гемиџиите за остварување на вековната желба за слобода на македонскиот народ. Едночасовната претстава на публиката и понуди можност за навраќање на историските моменти во кои главни ликови се младинците на возраст од 18 до 22 години, повеќето родум од Велес, како Јордан Поп Јорданов – Орцето, Димитар Мечев – Мечето, Константин Кирков, Илија Трчков, Владимир Пингов, Георги Богданов, Милан Арсов, Тодор Органџиев, Тодор Богданов, Илија Поп Јорданов и Алексо Минов кои во Париз, Франција ги планираат и во Солун, Грција ги изведуваат акциите преку кои вековниот стремеж на македонскиот народ станува видлив за државите во Европа. Освен со дијалози и монолози на млади актерски таленти,во претставата, дејствието го раскажуваат и наратори. Во проектот велешката Гимназија ги вклучила и музичките потенцијали како што се учениците вокални интерпретатори, музичари како и хорот со што како целина претставата е игрива, распеана и гледлива.

Во претставата учествуваат учениците актери Кристија Гајдов, Анастасија Крлева, Деспина Миланова, Ана Јанчева, Димитар Коцев, Андреј Димоски, Марија Богоевска, Кристија Трајковски, Марко Андовски, Сергеј Рушков, Александра Чатмова, Данчо Наумов, Филип Филипов, Марио Зеков, Стефан Николов, Стефан Анастасов, Димитар Туцинов, Памела Миланова, Милена Димова, Викторија Панзова, Мила Јовановска, Александра Нунова, Ана Гировска, Хајди Нанкова, Ана Бошкова, Кристијан Мартинов и Изабела Жабева.

Автор на текстот на претставата е ученичката Емили Митревска, претседател на средношколската заедница на СОУ„Гимназија Кочо Рацин“. Во подготовката на претставата се вклучија професорот по историја Сашко Николовски кои ги обезбеди историски податоци според кои се подготви текстот за театарската претстава како и менторство на професорките Цветанка Карамаркова и Весна Павлова во стручна соработка со режисерот Ненад Витанов и актерите Жарко Спасовски и Фаик Мефаилоски на велешки Театар „Јордан Х.К Џинот“ .

Во музичкиот дел настапија хорот и оркестарот при СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ под менторство на професор Атанас Зафиров. Претставата е дел од програмата за одбележување на јубилејот чиј организатор е Општина Велес и на чие премиерно прикажување присуствуваа Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, претставници на Влада, Градоначалник Марко Колев, пратеник Игор Здравковски, членови на Совет на општина како и граѓани на Велес.
Убавка Јаневска





