Во Велес, стигнаа вакцините против ковид додека за сезонски грип нема ниту една – Андовски тврди вакцинирањето ќе почне наредната недела

Вакцинацијата против ковид ќе ја реализира Здравствениот дом во Велес поточно службата за Детска превентива. Првите 60 дози на вакцини од производителот „Фајзер“ се од видот „КОМИРНАТИ Омикрон ХББ 1.5. ковид “. Нив задолжената служба за вакцинација ги добила минатиот четврток, на 10 октомври. Утврдени се начинот и постапката како на граѓаните ќе може да се аплицира вакцината, информираше др Марина Тодоровска.
-Вакцините ќе можат да се аплицираат без закажување. Наменети се за хроничните пациенти, граѓаните кои се повозрасни од 65 години и здравствените работници. Заинтересираните граѓани не е потребно да се пријавуваат туку да дојдат во Здравствен дом Велес, во Служба за превентива, каде што ќе ги евидентираме и евентуално ако не сме во можност истиот ден тогаш ќе договориме термин за вакцинирање. Според најавите на Министерство за здравство и на Комисијата ова е прва количина што ќе се надополнува во зависност од покажаниот интерес на велешани, додаде др Тодоровска.
Службата за Детска превентива се наоѓа на првиот кат на Здравствен дом Велес или „УРЕД“, со посебен влез од десната страна во зградата на оваа јавна здравствена установа.
Но за оваа вакцина во изминатите три работни денови нема интерес. Неа не ја примил ниту еден граѓанин. За разлика од незаинтересираноста на велешани за аплицирање на „Фајзер“ засега ниту има инструкции ниту испорака на прва количина на 4-валентни вакцини против сезонски грип, информираа од Центар за јавно здравје.
Според нив, единствено што им било познато е дека има голем интерес од граѓаните на Велес кои се веќе пријавени на апликацијата vakcinacija.mk и дека аплицирањето на овие вакцини ќе го врши службата за епидемиологија во Центар за јавно здравје Велес.
Но, епидемиолозите до вчера немаa добиено писмено или усно известување за начинот и постапката на спроведување на вакцинацијата. Ново именуваната директорка др Велкова deneska рече дека ги очекуваат насоките од министерството.
За заменик министерот за здравство Јовица Андовски пак постапката е позната и оставено е на велешкиот Центар за јавно здравје да се организира околу реализацијата на вакцинирањето.
-Наместо на четврти кат во зградата на велешкиот Центар аплицирањето најверојатно ќе може да се реализира и на приземјето во просториите на ординацијата која е ослободена од концесионер што ја користеше. За ова велешкиот Центар има одобрување од Министерство за здравство. Околу количините на набавени вакцини против сезонски грип ќе соопштам дека Центрите за јавно здравје во државата имаат набавка составена од 2.600 дози комерцијални 4-валентни вакцини додека засега пристигнат е дел од набавката на бесплатните од фирмата „Аbbot“ од Холандија во количина од 70.000 дози. Според денешниот извештај од апликацијата vakcinacija.mk вкупниот број на заинтересирани граѓани во државата изнесува 21.000. Во текот на идната недела ќе се случи распределбата и пристигнувањето на вакцините во Центрите за јавно здравје со што ќе може и да започне нивното аплицирање, додаде Андовски.
Денеска до пладне вкупниот број на заинтересирани велешани за вакцина против сезонски грип изнесувала 990. Податоците се од апликацијата за пријавување vakcinacija.mk.
Убавка Јаневска
