Втор ден Генерален штрајк на ССМ во Велес, дел од вработените даваат услуги на граѓаните
Го прекинаа работниот процес на своите работни места а дел од нив излегоа и пред влезните врати на институциите во коишто работат, вака втор ден тече Генералниот штрајк на ССМ и во Велес. На влезната врата на Основен суд Велес има поставено ознака дека вработените коишто се членови на синдикатот од вчера штрајкуваат но според насоките на ССМ 10% од судската администрација издава услуги на граѓаните. Во дел од судниците се одржуваа рочишта и во ходниците чекаа странки за одржување на судски процеси.
Со излегување пред влезната врата на Општина Велес, во 10:00 часот и со времетраење од еден час, штрајкот го поддржаа вработените во оваа локална јавна институција. И таму се почитуваат синдикалните препораки со 10% од вработените коишто во услови на штрајк ги извршуваат работните задачи се со цел да не дојде до блокада во работата и не издавање на услуги кон граѓаните.
Според најавите на ССМ освен гранковиот синдикат на УПОЗ овој штрајк е поддржан и од вработените во сообраќај и врски, во одбрана и безбедност, во полиција, во комунални дејности и здравството, фармацијата и социјалната заштита. Во велешкиот Здравствен дом штрајкува администрацијата додека вработените во Итна медицинска помош во целост ги извршуваат работите. Работат сите приватните лекари и нивните амбуланти коишто користат простор во оваа јавна здравствена установа.
И во Општа болница Велес синдикалниот штрајк е поддржан со едночасовно излегување пред јавната здравствена установа, од страна на дел од вработените, додека останатите здравствени работници се на своите работни места и издаваат здравствени услуги на пациентите.
Ова се дел од институциите со коишто Дума.мк успеа да исконтактира поточно да ги добие на телефон а и со дел од нив да оствари лична комуникација, додека, на синдикалните лидери во најголем дел од останатите институции мобилните телефони или им беа исклучени или ѕвонеа но тие не се јавуваа.
Наспроти нив синдикалниот лидер Дарко Димовски беше меѓу оние со коишто Дума.мк оствари контакт при прво ѕвонење на телефон. Тој меѓу другото информираше за реализацијата на штрајкот во Скопје и за одржувањето на денешните нивни активности пред зградата на македонската Влада. Според Димовски Штрајкувачкиот одбор на претседателството на ССМ е во постојано заседавање и за сите промени навремено ќе информира.
Генералниот штрајк се одржува со цел Владата да го потпише општиот колкетивен договор за јавен сектор со којшто ќе се зголемат платите на вработените за 2.806 денари, во нето износ, согласно зголемувањето на минималната плата од февруари 2022 година, додека, регресот за годишен одмор да изнесува во висина од 30% од износот на платата.
Убавка Јаневска