Зачестија кражбите на железни предмети па дури и на решетки на шахти во Велес
Нова опасна дупка е отворена на улица „Борис Карпузов“ откако крадци ја украдоа железната решетка на канализациска шахта. Во дупката може да се пропадне, особено во вечерните часови, кога уличното светло не овозможува таа да биде забележана како дење. Повредите од пропаѓањето можеби нема да бидат фатални по живот но можат да завршат со скршеници. Оваа улицата е фрекфентна. Секојдневно ја користат жители во делот на градот викан „Карпа маале“ но и минувачи коишто имаат потреба од здравствениот дом како и фондовите за пензиско инвалидско и за здравствено осигурување. Кражбата е случена во изминатите денови, во ноќните часови и не единствена во градот.
Од ЈКП „Дервен“ потврдија дека од почетокот на месецот имаат пријави за кражби на четири решетки како и на железни поклопци па и на предмети изработени од железо кои се дел од урбана опрема во градот.
По пријавите на комуналното претпријатие постапила Општина Велес. Таа пријавила во полиција и издала налози за изработка на нови железни решетки. Од Дервен пак информираат дека во текот на денешниот ден веќе поставиле две нови, првата на улица „Петре Прличко“ кај пазариште и втората на Стар Мост, додека поставувањето на преостанатите две треба да се случи наредната недела.
Кражбите на железо се почести откако се покачи цената на овој метал што ја нудат отпадите. И не само јавното комунално претпријатие туку зачестени се месецов и поплаките од страна на граѓаните кои останаа без предмети од железо, бакар и други видови на метал.
Стефани Манева