Започна академската година за бруцошите на ТТФ Велес
Шеснаесет бруцоши присуствуваа, денеска на првиот академски час на Технолошко-техничкиот факултет во Велес. Единаесет од нив се одлучиле да студираат на смерот Прехранбена технологија и биотехнологија додека пет на смерот Нутриционизам. Деканката проф. д-р Татјана Калеска на студентите им ги врачи индексите со честитки за добар почеток и истрајност во текот на студиите.
-Ова е еден посебен ден за Вас, бидејќи станувате рамноправни но истовремено и најважни членови на нашата академска заедница. Запишувајќи се на овој факултет Вие го направивте вистинскиот избор. Ќе се стекнете со специфични знаења, вештини и компентенции коишто понатаму ќе ви овозможат да се профилирате во стручни кадри коишто многу лесно ќе бидат препознаени како на домашниот така и на меѓународниот пазар на трудот. Со дипломирањето се надевам дека многу лесно ќе најдете работно место во институции и во прехранбената индрустија во нашата држава. Ви посакувам успешно студирање, додаде Деканката Калеска.
На првиот академски час на бруцошите процесот на студирање на факултетот и можноста за студентска размена им го појаснија продеканот по настава проф. д-р Сашко Мартиновски и продеканката по наука и меѓуанродна соработка проф. д-р Даниела Неделковска.
-Стекнатите знаења се нешто во животот што никој не може да ви ги одземе. Се друго што ќе стекнете може да се случи и да го изгубите. Знаењата се трајната вредност овој процес на живеење и развивање и ќе остане трајно кај вас, додаде проф. д-р Неделковска.
Овој факултет на универзитот „Св. Климент Охридски“ и годинава продолжува со настава којашто студентите ќе ја посетуваат онлајн, додека вежбите ќе ги работат со физичко присуство во лабораториите на факултетската зграда во Велес, причина е пандемијата со Ковид-19. Инаку на Технолошко-техничкиот факултет вкупно запишани се 29 бруцоши од кои 16 во Велес и 13 на дисперзираните студии во Битола.
Стефани Манева