Започна сезоната на подготовка на ајвар и лутеница, велешани велат „изгор цени“
Црвени пиперки во кутии чија тежина изнесува 15 килограми по цена од 38 до 45 денари за килограм и сини домати во вреќи со 12 парчиња што чинат 200 денари. Килограм црвени домати од 70 до 120 денари и иста количина на лук со цена помеѓу 200 и 300 денари а врзоп магдонос што чини 25 денари. Вчера, кога во градот е пазарен ден, ова беа најбараните зеленчуци за подготовка на зимница, поточно ајвар и лутеница на Градски пазар во Велес.
Дума.мк ги прашаше велешани дали и во која количина ќе ги подготвуваат двата традиционални зимски специјалитети. Пензионерите, со ниски пензии категорично одговорија дека нема да можат. Нивното мислење го делат и дел од граѓаните кои не остваруваат месечни примања кои се под просечната македонска потрошувачка кошничка.
-За двочлено пензионерско семејство со една пензија што изнесува 17.000 денари невозможно е да се подготват шест до седум тегли ајвар и уште толку лутеница. За оваа количина потребни се околу 26 килограми црвени пиперки, 12 сини домати, седум килограми црвени домати, три до четири литри масло за јадење, пола килограм лук и врзоп магдонос. По 100 денари за килограм ги плативме везените пиперки за нижење и сушење како и 70 денари дадовме за пиперките што ги ставаме во киселина. Лоши времиња не навасаа. Возрасни сме и не мора да јадеме ајвар и лутеница, рече Пандорка В.
-Со минималната плата што ја заработува сопругот се чудам како да приготвам ајвар и лутеница. Двете деца моравме да ги подготвиме за училиште. Септември е тежок месец. Можеби ќе купиме пиперки, сини и црвени домати во октомври. Се надеваме дека ќе бидат со пониска цена. Сега пазарувам зеленчук за неколку дневна потреба, рече Стефка М.
-Ќе направиме во помала количина како ајвар така и лутеница. Секоја година се помалку. Ја намалуваме количината според семејниот буџет, рече Борка Л.
Од продадените количини на произведени црвени пиперки, сини и црвени домати не се задоволни ни производителите. Земјоделците од радовишките и струмичките села со камиони се паркирани на паркинг просторот покрај река Вардар.
-Не можеме да ги продаваме по пониска цена. Пеколните температури летово го преполовија родот. Се боревме со жештина и со количини на вода за наводнување. Доаѓаме до Велес и тоа ни преставува трошок затоа спиеме во камионите додека не ја продадеме целата количина, рече Ване.
-Село Сирково е поблиску, ние како и земјоделците од Градско доаѓаме секој пазарен ден. Ние само имаме помали транспортни трошоци но не и производствени. Цената од 45 денари за килограм пиперки е едвај исплатлива за нас, рече земјоделец од Сирково.
Познат производител на везени пиперки од село Дорфулија, крај Велес, дофрли дека годинава и тој купувал за да нанижи по една низа лут и благ пипер. Неговиот род ова лето го сотреле жештината и сувите канали на системот за наводнување. Од „Макарија“ ги заборавиле. Единствено успеал да ги спаси нивите засадени со кромид и лук.
Глетката и во самиот Градски пазар не е како пред неколку години. На тезгите зеленчукот е нареден, сортиран и има истакнато цени. Земјоделските производители ги очекуваат граѓаните да пазарат и до попладневните часови, кои пак наместо со повеќе полни ќесиња, во рацете држат само по неколку кога излегуваат од влезовите.
Убавка Јаневска