Железници – Транспорт и предлага на Владата, патнички сообраќај Велес – Скопје – Велес на секои два часа

На секои два часа во текот на денот да се воведат патнички возови на релациите Скопје-Тетово, Скопје-Куманово и Скопје-Велес и предложило, на почетокот на годината, ЈП Железници -Транспорт на Владата. Предложената иницијатива се однесува на сообраќање на патнички возови од Скопје за Велес секојдневно во 7, 9, 11, 13, 15, 17, 19 и 22 часот додека од Велес за Скопје во 6, 8, 10, 12, 14, 16, 18, 20 и 21 часот.
За да ја реализира оваа Иницијатива, раководството на Железници од Владата бара да се набават минимум 10 нови возови. И тоа 6 дизел моторни гарнитури и 4 електро моторни гарнитури за поврзување на Скопје со околните градови.
Во предлогот до Владата исто така е предочена можноста како да се стигне до потребните нови патнички возови. Поточно средствата да се обезбедат преку заем од меѓународни финансиски институции или користење на средства преку Инструментот за претпристапна помош ИПА III, за периодот 2021-2027 година, “Прозорец 3: Зелена агенда и одржлива поврзаност”. Постапката за набавка, од распишување на тендер до воведување на возните средства во сообраќај, да трае околу 2- 3 години“.
Со предложената иницијатива Железници – Транспорт планира да ги мотивира граѓаните во државата да ја сменат навиката и наместо со автомобили до Скопје да патуваат со возови. Пилот-проектот, на среднорочен период има за цел да го ревитализира патничкиот железнички сообраќај на целата терииторија на државата и да отпочне период на подобрување на состојбата со железничките патнички услуги.
Во иницијативата се наведува дека новите патнички возови кои би се вовеле меѓу Скопје и околните градови би довеле до намалување на бројот на возила – автомобили и автобуси во главниот град, со што би се намалил метежот низ улиците, загадувањето и времето на патување низ Скопје.
Инаку, во моментов , билетот со воз од Велес до Скопје во еден правец чини 110 денари додека повратен 190 денари. Железници – Транспорт обезбедува попусти од 20 и 30 отсто за млади до 26 години како и за други категории на граѓани.
Убавка Јаневска
