ФК „Борец“ поразен во гости од штипска „Брегалница“
На гостувањето во Штип во натпревар од 15 коло на првата фудбалска лига „Борец“ претрпе пораз од домаќинот „Брегалница“ со резултат 2:1.
Со голот на Ѓоргевиќ во петата минута велешани поведоа а потоа и со добрата игра навестија дека ќе приредат изненадување.
Работите тргнаа надолу во финишот на првото полувреме, поточно во последната минута, кога Ацковски биеше од далечина а топката незгодно отскокна, го смени правецот и заврши во голот на „Борец“.
Во второто полувреме играчите на „Брегалница“ заиграа подобро и напаѓаа. Создадоа неколку шанси од кои таа, во 79 минута, постигнаа гол преку Алтипармаковски кој по еден центаршут скокна највисоко и со глава биеше неодбранливо.
До крајот на натпреварот играчите на „Борец“ напаѓаа но јалово и не успеаја да израмнат.
По овој пораз „Борец“ останува на предпоследното место на табелата со се помали шанси за опстанок во лигата.
Лазар Лазаровски